Во периодот од 2023 до 2025 година, скрининг на грло на матка бил извршен наоколу 149.000 жени во државата, што е опфат од 32 отсто, а тоа е многу помалку од предвидените 75 отсто. Наместо да расте, бројот на жени опфатени со скринингот од година в година се намалува. Само за споредба, во Словенија, со програмата за скрининг на рак на грло на матка, за три години беа опфатени 71 процент од жените, рече денеска на брифинг со новинарите, Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
„Македонија заостанува во борбата против рак на грло на матка и е далеку од исполнување на целта за опфат на 70 отсто од жените со скрининг до 2030 година со цел целосно искоренување на смртноста од оваа болест, поставена од Светската здравствена организација. Главна причина за ваквата состојба е што Програмата за скрининг на рак на грло на маткане овозможува доволен опфат на жени за да се постигне навремено откривање и превенција од оваа болест, а тоа го покажа анализата на ЕСЕ.
Иако во програмата е наведено дека целта е за три години со скрининг да се опфати 75 отсто од женската популација на возраст од 21 до 59 години, државата ниту издвојува доволно средства за оваа намена, ниту спроведува активности за едукација и информирање на жените.
„Ниското ниво на скрининг придонесува Македонија да е меѓу водечките земји во Европа и во регионот по бројот на новооткриени случаи на рак на грло на матка. Според последните достапни податоци, во 2023 година се откриени 327 нови случаи, додека во 2022 година биле регистрирани 289 случаи. Оваа стапка е највисока во Европа односно речиси пет пати повисока од Грција и Италија, три пати повисока од Словенија и двојно поголема од Србија“, рече Павловски.
Во однос на смртноста, во периодот од 2017 до 2023 година, од рак на грло на матка починале вкупно 540 жени. Тоа значи дека од овој вид карцином, во Македонија годишно во просек умираат околу 70 жени, иако со навремен и соодветен скрининг, најголем дел од смртните случаи може да се спречат.
„Клучни причини за ваквата алармантна состојба се недоволните средства кои ги одвојува државата за скрининг, како инедостигот од матични гинеколози, имајќи предвид дека во речиси 40 општини воопшто нема матичен гинеколог. Дополнително, не се работи на едукација и информирање на жените за неопходноста на овој тип прегледи во превенцијата на ракот на грлото на матката“, објаснува Павловски.
Од ЕСЕ велат дека во последните две години проблем е и транспарентноста на Министерството за здравство во однос на оваа проблематика. Имено, со оглед на тоа што се промени начинот на кој се планира скринингот, не се достапни податоци колку точно средства се издвојуваат за оваа намена и колку жени е планирано да бидат опфатенина годишно ниво.
„Неопходно е да се промени и методологијата со која се прави скринингот на грло на матка. Во Македонија во моментов оваа процедура се изведува со ПАП брис, кај кој постои 20 отсто можност за грешка во резултатите, додека светските препораки се воведување ХПВ тест, кој е речиси 99 отсто точен“, додаде Павловски.
Ракот на грло на матка е четврт најчесто дијагностициран рак кај жените, но доколку се открие навреме, големи се шансите целосно да се излечи. Токму затоа, ова е првиот тип рак за кој Светската здравствена организација усвои Глобална стратегија за целосно елиминирање на смртноста.
Мета неодамна, во рамки на Европската неделa на имунизација, пишуваше дека вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања причинети од Хуман папилома вирус (ХПВ) во Македонија, во 2025 година изнесувал 51,5 отсто, што е далеку под потребниот просек од 95 отсто. Според извештајот за реализација на програмата за задолжителна имунизација на населението што го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), најмалку вакцинирани девојчиња и момчиња има во Охрид (9,9 отсто), а вакцинацијата е 100 отсто реализирана во Берово, Виница, Пехчево, Македонски Брод и во Валандово.

„Опфат понизок од вкупниот опфат во републиката се регистрира Тетово/Гостивар, Битола, Скопје, Прилеп, Битола и Кичево. Од подлежечките лица на територијата на целата република за оваа вакцина, не се опфатени вкупно 8.224 лица, од кои 4.638 се жители на Скопје“, наведено е во извештајот.
Сепак, регистрираниот опфат со ХПВ вакцина (51,5 отсто) лани е повисок во однос на 2024 година (50,2%) и е повисок во однос на просечниот опфат за петгодишниот период (2020-2024) кој изнесува 47,5 отсто.
„Лани за прв пат се реализира опфат со ХПВ вакцинација кај целата целна популација, по воведувањето на вакцинацијата и кај момчињата во 2024 година. Вклучувањето на момчињата во програмата придонесе за зголемување на бројот на вакцинирани деца и на вкупниот опфат. Во однос на 2024 година, како и во однос на
просечниот петгодишен период, се бележи благ пораст на опфатот од 50,2% во 2024 година на 51,5% во 2025 година. Проширувањето на ХПВ вакцинацијата на момчињата има позитивно влијание врз зголемувањето на опфатот, но истиот останува релативно низок. Иако се забележува умерено подобрување на опфатот со ХПВ вакцинацијата, постојат значителни географски разлики меѓу регионите, со исклучително низок опфат во одредени подрачја и висока концентрација на невакцинирани лица во Скопје“, се наведува во извештајот.

