Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднела кривична пријава против градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура (65) од село Биџево, струшко, поради сомнение дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според информациите од полицијата, пријавениот на 18 ноември 2025 година, во својство на градоначалник на Општина Струга, донел одлука за именување вршител на должност директор на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Струга, иако тоа било спротивно на одредбите од Законот за јавни претпријатија.
Како што се наведува, тој го назначил М.Ј. од Струга на директорската функција, и покрај тоа што знаел дека лицето не ги исполнува законски предвидените услови за извршување на таа должност. Според пријавата, именуваниот немал соодветно образование, ниту сертификат за познавање англиски јазик, а не исполнувал и повеќе други услови утврдени со Законот за јавни претпријатија.
Со ваквата одлука, според наводите во кривичната пријава, на именуваното лице му било овозможено противправно да оствари парична корист, по основ на плата и придонеси, додека ја извршувал функцијата вршител на должност директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Струга.
Надлежните институции треба да постапуваат по поднесената пријава и да утврдат дали во конкретниот случај се исполнети елементите на кривичното дело за кое се товари градоначалникот.

