Руски напад со беспилотно летало во текот на ноќта оштети пристанишни објекти на реката Дунав во јужниот украински регион Одеса, соопштија украинските власти утрово.
Регионалниот гувернер Олех Кипер изјави на Телеграм дека едно лице е повредено во нападот, во кој е оштетена и енергетската и индустриската инфраструктура.
Украинската управа за морски пристаништа соопшти дека едно од пристаништата на Дунав било нападнато. Не го именуваа пристаништето, но рекоа дека се оштетени магацини, кејови и административни згради.
Во соопштението велад дека пристаништето продолжува да работи.
Градоначалникот на градот Измаил изјави дека градот бил подложен на уште еден „масовен“ руски напад со беспилотни летала.
Локалните власти во областа Измаил изјавија дека околу 17.000 потрошувачи останале без струја како резултат на нападот, кој го прекинал и снабдувањето со вода во блискиот град Вилкове.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала 153 беспилотни летала кон земјата, од кои 130 биле соборени или неутрализирани.
Фрагменти од беспилотно летало одбиено од украинската воздушна одбрана паднаа на романска територија, соопшти романското Министерство за одбрана.
Русија постојано ги напаѓаше поморските извозни патишта на Украина за време на четиригодишната војна, погодувајќи пристаништа од големо значење за надворешната трговија и економијата во време на војна.

