Но како што се разврзува клопчето на сеќавањата на глобалната генерација икс, а и онаа на милениумците, многумина стануваат свесни дека барем преку медиумите биле сведоци на историјата во која Израел, Палестина, Иран, Ирак и целиот Блиски Исток, постојано биле во фокусот на кризни настани и оружени судири. И речиси секогаш глобалниот „обичен свет“ го минува животот со латентен, па и поизразен страв дека ќе се случи третата светска војна.
„Настаните на Блискиот Исток се крајно загрижувачки и како што изгледа ситуацијата – нерешливи. Трета светска војна нема да има, ама нема да има ни мир!
По Втората светска војна, цело време имаше судири, и тоа ќе продолжи. Моментално војуваат и Пакистан и Авганистан. Блискиот Исток е немирен од создавањето на Израел (1948 година) и по британското цртање на границите на тамошните држави, на мапи со прави линии. Тоа е подрачје на пустини и на црно злато. Интересот на целиот свет за регионот е многу голем и затоа интересите се измешани и трајни“ вели поранешниот македонски амбасадор, Ристо Никовски.
Одбранбен механизам на Балканците со релативизација на опасноста
Кај споменатите генерации на Балканот (од шеесеттите години на 20-от и почетокот на 21 век), а секако и во Македонија, континуитетот на предизвикување страв од трета светска војна има создадено еден циничен одбранбен механизам со релативизација на опасноста. Од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година ( или прогласувањето на „крајот на историјата“ од Фукујама), генерациите во овој дел од Европа, кој повеќе од 35 години докажуваат дека се (не)достојни за Европската Унија, веќе ги имаат доживеано и „надминато“ во своите „обични животи“ многу од заканите на воените стравови. Секако, тоа што се преживеани многу закани и стравови, не создава имунитет и гаранции од за спас од секоја нова оружена закана, особено не нуклеарна. Зашто психологијата која е наметната во светот од оние што одлучуваат за војната и мирот – третата светска војна е само – нуклеарна. Според таа логика – ако нема судир на нуклеарни сили, војната не е „светска“.
Всушност и нападот врз Иран од страна на Израел и САД е „оправдан“ како превентивен – да се спречи развојот на цивилната нуклеарна програма на Иран, под сомнение дека всушност се работи за воена нуклеарна програма.
„Проширување на сегашната војна, предизвикана од нападот на Израел и САД врз Иран, нема да се случи и ќе остане од локален карактер. Меѓутоа, судирот на интересите и мешањето од страна ќе продолжи, што значи мир нема да има уште многу долго. Оваа воена интервенција врз Иран е апсолутно нелегална и претставува флагрантно кршење на меѓународниот правен поредок и отвора простор за бескраен реваншизам“, оценува амбасадорот Никовски.
Реваншизмот се манифестираше инстантно, со ракетни напади и напади со дронови од страна на Иран, врз неговите соседи на Блискиот Исток, па и подалеку до Средоземјето (Кипар), каде што САД, (како сојузник на Израел во бомбардирањето на Иран) имаат свои бази, односно воени инсталации. И секако возвратни напади врз Израел. Овој оружен судир, оценет како од локални размери, доби поглобална димензија со тоа што во него се најдоа загрозени голем број туристи и печалбари речиси од целиот свет во земјите на Блискиот Исток (Обединети Арапски Емирати, Катар, Саудиска Арабија, Бахреин и секако во Израел). Според перцепцијата на „случајно и намерно“ затекнатите во овие секогаш потенцијални кризни жаришта, (а и во најголемиот дел од тн. западен свет) тамошното локално население е навикнато да живее и колку може да се заштитува од постојаната закана на политиката во оружена ескалација. Затоа пак, туристите и печалбарите од Блискиот Исток сега се евакуираат во своите земји. Навистина, повеќето држави во светот, почнувајќи од САД издадоа предупредување да не се патува без потреба (а и тогаш кога е „голема потребата“), во овие земји, каде што отворено се кажуваше дека се планираат оружени операции.
Малите држави како Македонија – стриктно да го поддржуваат меѓународното право
И Македонија, преку потребата за евакуација на свои државјани, на некој начин е инволвирана во овој најнов блискоисточен конфликт. Досега се евакуирани со владиниот авион, оние македонските граѓани што конфликтот ги затекна во Израел, а според најавите на МНРиНТ се планира до понеделник со чартер-летови да бидат вратени во земјава, околу 700-800 Македонци од ОАЕ, Катар, Саудиска Арабија…
Но, како потеницијално поконтроверзна, па и поопасна инволвираност во овој конфлит меѓу Израел, САД и Иран, во македонската јавност е проценета официјалната поддршка од македонската влада на страната што прва го отвори огнот – стратешкиот партнер САД и Израел.
„Неспорен факт е дека многу мал број на држави ја поддржаа интервенцијата и за жал, меѓу нив беше и Македонија. Малите држави како нашата, мораат стриктно да го поддржуваат меѓународното право“, смета дипломатот Ристо Никовски.

Позиционирањето на Македонија на меѓународен план, од прогласувањето на нејзината независност, во изминативе 35 години е комплексен процес, многу често контроверзен и исполнет со прекршување на меѓународното право и основните човекови права од влијателните меѓународни субјекти и организации (од соседните земји, преку Европската Унија до Обединетите Нации), во контекст на оспорување на националните идентитет, па и државен суверенитет. Сепак, мошне дискутабилно и дипломатски меч со две острици е потегот – неправдите што ѝ се нанесени на Македонија во контекст на меѓународното право да ги рефлектира во поддршка кога врз други се прекршува истото тоа меѓународно право. Особено што е јасно дека стратешките партнери можат да ги заштитат или извојуваат своите интереси и без декларираната поддршката од Македонија.
„Најновата американска безбедносна стратегија, која претставува радикална промена во однос на досегашните, на некој начин сугерира доминација на три центри на моќ: САД, Кина и Русија. Сè уште е неизвесно како тоа ќе се развива, но на извесен начин на сите три центри им дава право на интервенција во ‘сопствениот пашалак’. Но најважно е што би се избегнала нивна директна меѓусебна конфронтација и на тој начин би се избегната третата светска војна. Сепак, последиците ќе се чувствуваат секаде и се неизбежни“, заклучува дипломатот и меѓународно политички аналитичар Ристо Никовски.
Јасминка Павловска

