Утрово е воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патните правци Тетово – Попова Шапка, Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево, поради обилни врнежи од снег.
Како што информираат од АМСМ, од 7 часот утрово, поради сообраќајна незгода е воведена забрана за движење на тешки товарни моторни возила и на магистралниот пат Кичево–Гостивар, во правец кон превојот „Стража“ и обратно.
Од утрово и на патот Скопје – Велес пред првиот тунел, поради одрон сообраќајот се одвива по една коловозна лента.
Според информациите на АМСМ сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. До 15 март важи законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.

