Во последната недела, во Македонија се пријавени 1.306 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 12,8 отсто помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со шестата недела од минатата сезона е намален за 54,7 отсто, а во споредба со бројот за шестата недела од типичната епидемиска крива намален е за 46,7 отсто.
„Во однос на возрасната дистрибуција, 715 лица се на возраст од 15 до 64 години, 228 се деца на возраст од 5 до 14 години, 184 – деца на возраст од 0 до 4 години, а 179 се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0 до 4 години“, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во сезоната 2025/2026, вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 12.721. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 9,5 отсто, а во однос на моделот од последните 15 сезони се регистрира намалување од 13,6 отсто.
Како што се наведува во извештајот на ИЈЗ, лани во октомври биле евидентирани 338 случаи, во ноември – 438 случаи, во декември имало 1.324 случаи, во јануари имало најмногу – 9.135 случаи и во февруари имало 1.306 случаи на грип.
Од ИЈЗ информираат дека заклучно со шестата недела, во Македонија вакцинирани се вкупно 79.110 лица со бесплатна или комерцијална вакцина. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување.

