На 3 април, на сцената на Македонскиот народен театар, гостува Драмата при Словенечкото народно гледалиште од Марибор (СНГ) со монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata), сценско остварување инспирирано од романот „Маријиниот завет“ на Колм Тојбин и создадено како омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.
Гостувањето е дел од програмата со која МНТ продолжува со одбележувањето на својот јубилеј – 81 година од постоењето, во рамки на роденденската прослава на театарот.
Претставата ја раскажува приказната за Марија, востоличена како Мајка Божја, која во оваа сценска адаптација добива уште поинтимна, поблиска и покондензирана форма. Во осаменото мапирање на пејзажите на нејзините исповеди, Марија ја раскажува својата вистина за настаните, кои го променија светот, преиспитувајќи ги сите големи идеи. Токму преку тоа преиспитување, тие идеи остануваат живи, како што сугерира и делото, идеите умираат ако не се доведуваат во прашање.
Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, а драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур.
Претставата досега има добиено бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Чедад, Италија, во 2021 година.
„Страсно верувам во моќта на театарот и сите мои дела се архетипови на ритуал“, велеше Томаж Пандур, режисер чиј уметнички опус остави длабока трага во словенечкиот и светскиот театар.
Исклучително е тешко, ако не и речиси невозможно, да се заокружи неговата биографија. Пандур до самиот крај остана верен на својот уметнички принцип и препознатлив стил, несебично споделувајќи ги своите визии, соништа, осамености, стравови и ентузијазам со соработниците. Седум години го водеше театарот во Марибор, а од својата прва професионална претстава „Шехерезада“, до последната, „Фауст“, експериментираше со квинтесенцијата на театарскиот материјал, поврзувајќи и деконструирајќи митски, архетипски и трансцендентални пејзажи. Неговата работа беше постојан обид за надминување на формите на реалноста и истражување на односите меѓу човечкото и божественото, живите и мртвите, времето и просторот, конечноста и бесконечноста.
„Преку својата глобална визија, Пандур ја артикулираше волјата за остварување на вистината и смислата на животот, каде што, зад тишината, секогаш стојат имагинацијата и убавината“, истакнуваат Ливија Пандур, драматург и театарска авторка и Бранко Јордан, театарски автор и есеист.

