Собранието сè уште нема објавено нов јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, иако законскиот рок за тоа е истечен, реагира Мрежата за заштита од дискриминација.
Во реакцијата се наведува дека е неопходно да се распише нов оглас за пополнување на испразнетото место.
„Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, доколку Собранието не избере членови на Комисијата, постапката за избор се повторува во целост со објавување јавен оглас веднаш, а не подоцна од рок од десет дена. Имајќи предвид дека Собранието избра два члена на 29.01.2026 година, рокот за распишување на нов оглас истече на 08.02.2026 година. До денес, таков оглас не е објавен,“ велат од Мрежата.
Оттаму апелираат Собранието сериозно да го сфати значењето на Комисијата како институција што го штити достоинството на граѓаните и претставува основа за развој на демократско општество. Воедно ги потсетуваат пратениците на нивните законски обврски, кои вклучуваат утврдување листа на кандидати што ги исполнуваат условите, активно учество на седницата за нивно претставување, навремено информирање на граѓанските организации и обезбедување транспарентен процес при одлучувањето.
Од Мрежата посочуваат дека Законот предвидува јасни критериуми за избор на член на Комисијата, меѓу кои кандидатот да биде државјанин на Северна Македонија, да има најмалку 240 ЕКТС кредити и седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои пет во еднаквост и недискриминација, да нема изречена затворска казна подолга од шест месеци или забрана за вршење дејност, како и да не извршува функција во политичка партија.

