
„Да се апстрахираме од статусот членство“, се чини, дека е порака до јавноста да не очекува натамошни постапки за евроинтеграции, што би значело и цементирање на процесот на недефиниран рок. Следејќи ги изјавите на Сиљановска-Давкова и на премиерот Христијан Мицкоски, кои се речиси идентични во последните месеци, процесот би се отцементирал само доколку се добијат гаранции од ЕУ и Бугарија за натамошно неблокирање поради билатерални причини и доколку Софија направи крупни чекори во таа насока, пишува „Вистиномер“
Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост:
Иако јавноста е демек збунета, а МНР очекува само појаснување, тврдењето на претседателката на РСМ Гордана Сиљановска-Давкова дека треба „да се апстрахираме од статусот „членство“ – е, всушност, прилично јасна изјава, а нејзините последици врз евроинтеграцискиот пат се очигледно цементирање на недефиниран рок.
Таа станува уште појасна ако се види во целина мислата како одговор на новинарско прашање во неодамнешното интервју за МКД.мк: Како да се бориме со политизацијата на евроинтеграцијата на Западен Балкан, наспроти принципите и исполнување на пропишаните услови?
Така што ќе направиме нешто што одамна требаше да го направиме – да се апстрахираме од статусот „членство“. Да се апстрахираме од измислениот пат кон Брисел и да се фокусираме на суштината – европеизација, да се самоевропеизираме. Не како политичка цел, туку како темелна претпоставка за ЕУ како еден демократски политички систем, суи генерис политички ентитет. Основна предност на тој ентитет е што може да извезува демократија, модел на демократски политички систем – вели Сиљановска-Давкова.
Тежиштето на одговорот е апстрахирање од статусот „членство“, „апстрахирање од измислениот пат кон Брисел“, а фокус кон самоевропеизирање, т.е. домашно туркање на реформите во сите области кои се предвидени токму со врвењето на патот на исполнување на условите за членство во рамки на преговарачки процес, ама да нема преговарачки процес. Зашто, јасно е дека нема членство во ЕУ, макар и делумно, ако не се започне процес на преговори.
Оттука, ставот на претседателката може да се толкува како порака до јавноста да не очекува процесот на евроинтеграција на земјата реално да продолжи на недефиниран рок.
Ставови на претседателката за очекуваните гаранции
Иако пред една година Сиљановска-Давкова искажуваше оптимизам за откочување на блокадата во евроинтеграцијата – до која дојде поради несогласувањето на тековната влада да изврши промена на Уставот и да ги внесе Бугарите и други малцинства во темелниот документ како услов кој го оценува како неправеден и надвор од вообичаените услови за преговори што ги испорачува ЕУ – во последните месеци претседателката има прилично конзистентен став, кој е на иста линија со ставот на премиерот и Владата. Всушност, откако ЕУ не можеше од кои било причини да најде или наметне „креативно решение“, како што беше предлогот промена на устав со одложено дејство – претседателката најпрво потенцираше потреба од „самоевропеизирање“, а потоа и цврсто застана зад барањето за двојни гаранции.
На 20 декември лани говорејќи пред Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања во Собранието, го искажа ставот за „самоевропеизирање“:
…Да се фрлиме на реформи ама не заради политичка волја врзана за уставните измени, туку заради на владеење на правото, рече Сиљановска Давкова, во обраќање во кое ја критикуваше ЕК околу Извештајот за напредокот, но и во кое потенцираше став на Венецијанската комисија за потребата Бугарија да го смени Уставот и да ги кооптира малцинствата:
Можете да го видите извештајот на Венецијанската комисија за законот за употреба на јазиците, дека „решенијата од овој закон се над европските решенија“. Зборувам за малцински прашања. Мислењето на Венецијанската комисија за Уставот на Бугарија тука се бара од Бугарија „правата на лицата што припаѓаат на националните малцинства мора да бидат заштитени на ниво на Уставот“
Таа барањето за двојни гаранции најјасно го искажа во годишното обраќање пред пратениците во Собранието на 23 12.2025 година, кога, меѓу другото, рече:
Потребна е политичка волја, но не само наша, туку и на Унијата, оти сме предложиле повеќе излезни решенија, а Европската Унија треба да избере едно, или да најде свое креативно решение за деблокада на процесот. Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас!…
Пораката што ја праќам почитувани денеска, од ова Собрание е дека без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена, ние ризикуваме од овој процес да излеземе како што старецот на Хемингвеј излезе од морето: со костур од риба, со соголен, изглодан суверенитет и идентитет, национален и културен. Ова прашање бара внимателно одмерување на секој чекор, бидејќи гледаме до каде нè доведоа „храбрите“ одлуки: во Хакслиевиот храбар свет!
На 20 јануари 2026, обраќајќи се на дипломатскиот кор во земјава на традиционалниот прием, Сиљановска-Давкова меѓу другото рече:
…Oдговорноста е двојна: наша и европска.
Добрососедството не смее да биде алиби за блокада. Дијалогот не смее да се претвори во инструмент за условување. Европскиот процес не смее да се претвори во арена во која билатералното ќе го диктира европското…(пораки и барања до Бугарија – н.з.)
…Ако проширувањето стане механизам во кој секој нов член добива право да го „редефинира“ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост. (пораки за гаранции од ЕУ – н.з.)
Ставот на Премиерот за гаранциите
Премиерот Христијан Мицкоски иако досега не се изјаснил реторички јасно за „апстракција од членство“, е прилично конзистентен во ставот дека без гаранции од ЕУ и без промени во Бугарија во полза на македонското малцинство, нема намера да пристапи кон менување на Уставот за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Претпоследен пат, Мицкоски тоа го кажа во Собранието како одговор на пратеничко прашање, нагласувајќи макар „тоа да му било последно“.
Вчера, пак, (05.02.2026), во интервју за МТВ Мицкоски изјави:
Ставот на Владата за уставните измени останува непроменет и тие нема да се случат без јасни гаранции дека процесот на евроинтеграција нема да биде проследен со нови блокади и билатерални условувања.
Мицкоски сега гаранциите ги бара во форма на јасен заклучок на Советот на ЕУ, како и во Бугарија да „дозволат македонската заедница да се регистрира како организација во која ќе може културно, образовно да општи; таа заедница да има свој претставник во Советот на министри за малцински права, кој функционира во рамките на владата кај нашиот источен сосед“.
Како што може да се види, претседателката Сиљановска-Давкова и премиерот Мицкоски имаат унисон став околу продолжување на евроинтерацискиот пат на земјата. Во таа смисла, формулацијата на Сиљановска-Давкова за „апстрахирање од статусот членство“, се чини дека е прилично јасен патоказ кој во суштина би значел цементирање на ЕУ интеграцијата на недефиниран рок.
Но за последиците од тоа, свесен е премиерот и тоа се гледа од следнава негова изјава од вчерашното интервју:
Ние велиме вака: го почитуваме ли сите меѓународното право? Го почитуваме. Ако го почитуваме, и ако ние сме свесни за преземените обврски на претходната влада, колку и да биле тие катастрофални, преземени се од нашата Влада, без разлика кој е таму сега премиер и слично. Дали му е тоа по волја или не му е по волја, опцијата е: ако се однесувате вон институциите, ќе бидете изолирани и прашањето е каква иднина ѝ следува на државата. Колку и да е горчливо сето тоа, тоа е реалност.
Пишува: Теофил Блажевски

