Ѕвездата на Голден Стејт Вориорс, Дрејмонд Грин, го обвини судијата Џеј-Ти Ор дека му досудил техничка грешка откако му рекол да не му ја внесува раката во лицето. Притоа нагласи дека станува збор за „бел“ судија. Инцидентот се случи во петокот навечер на домашниот натпревар против Детроит Пистонс, на кој гостите победија со 131:124.
„Мислам дека е крајно иронично што добив техничка грешка затоа што на бел судија му реков да не ми става рака во лице. Како црн човек во Америка, немој да ми ја внесуваш раката во лицето“, изјави Грин пред новинарите.
Според неговите зборови, Ор за време на расправијата му рекол: „Дрејмонд, ова ти е шанса да престанеш да зборуваш со мене“, а Грин тврди дека судијата при тоа ја кревал раката кон неговото лице. Снимката од телевизискиот пренос, сепак, не покажува дека судијата за време на расправијата ја подигнал раката кон Грин.
„И му реков: ‘Еј, немој да ми ја ставаш раката во лице.’ И добив техничка. Тоа ми беше најинтересниот дел од целата вечер“, додаде Грин, па продолжи со критиките дека почитта е „двонасочна улица“.

