
Најмладите пациентки на кои им бил дијагностициран рак на грлото на матката во Македонија имаат само 18 години, а средната возраст за поставување на дијагнозата е 55 години. Загрижувачкиот податок беше соопштен на настанот по повод Неделата за подигнување на свеста за борбата против овој вид карцином, организиран од Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија.
Бројот на жени кои заболуваат од рак на грлото на матката расте од година во година. На Клиниката за онкологија, во 2024 година биле третирани 74 пациентки, а лани бројката изнесувала 122.
Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Македонското здружение за цервикална патологија, професор д-р Горан Димитров, истакна дека од 2030 година сите земји треба да применуваат ХПВ тест како скрининг за рак на грлото на матката.
„Втората работа е дека тие што ќе ги откриеме треба да ги третираме. За тоа имаме персонал и обучен кадар, така што подготвени сме за имплементација на ХПВ базираниот скрининг“, рече професорот.
Директорката на Клиниката за гинекологија, професор д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, цитираше студија од Институтот за епидемиологија која покажува дека во периодот од 2016 до 2023 година биле дијагностицирани 2.263 пациентки. Таа посочи дека 540 од нив, што е речиси 24 отсто, починале.
„Загрижува што овој карцином се појавува кај се помлади пациентки и е целосно превентабилен. Целта е да ја зголемиме свеста кај јавноста“, додаде таа.
Експертите потенцираа дека ризикот од рак на грлото на матката значително се намалува со примање на ХПВ вакцината и со редовен скрининг, кој би требало наскоро да се воведе и во Македонија.

