Директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, реагира на јавните изјави на првата обоистка Татијана Петрушевска, поврзани со дисциплинската постапка што се води против неа, оценувајќи ги како „невистинити и паушални“ и предупредувајќи дека со таквите тврдења ѝ се нанесува штета на институцијата и се создава искривена слика во јавноста.
„Во оваа фаза нема да изнесувам факти, бидејќи постапката е во тек, но постојат изјави од вработени и од диригентот на претставата, врз основа на кои е донесен предлогот за поведување дисциплинска постапка и решение за суспензија, согласно Законот за култура“, наведува Арсовски.
Тој додава дека не е точно оти досега против Петрушевска не биле водени постапки, бидејќи, како што тврди, во повеќе наврати членови на оркестарот побарале заштита од нејзиното однесување.
Арсовски подвлекува дека Националната опера и балет, како институција со над 500 вработени, мора да функционира врз основа на јасна хиерархија, поделба на одговорности и доследно почитување на работната етика.
„Секое отстапување директно влијае на функционирањето на целата институција. Управата не зазема страни – таа обезбедува ред, дисциплина и зачувување на уметничките стандарди“, вели директорот, посочувајќи дека нема да дозволи нарушување на работниот процес или непочитување на хиерархијата во оркестарот, каде диригентот е водечки авторитет.
Дополнително, Арсовски истакнува дека нема да дозволи лични нетрпеливости на поединци да се пренесат како непочитување кон колегите и странските соработници.
Тој нагласува дека институцијата ќе продолжи да постапува според своите правилници и законските одредби, со цел да го заштити колективот, публиката и уметничкиот интегритет на МОБ.
Во изјавата, Арсовски упати апел до Синдикатот на културата да не подлегнува на влијанија од поединци кои, како што вели, ја злоупотребуваат улогата на синдикатот, туку да продолжи да се залага за правата на колективот и достоинството на институциите.

