
Швајцарскиот град Давос повторно ги пречекува највлијателните личности од политичкиот, економскиот и културниот свет на годишниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ), пренесува Дојче Веле.
Настанот се одржува во време кога претседателот на САД, Доналд Трамп настојува да го разниша постојниот меѓународен поредок, од укинување на воспоставените трговски правила и масовно повлекување од меѓународни организации, до апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и заканите за анексија на Гренланд.
Само неколку дена пред почетокот на форумот, Трамп се закани со царини кон осум земји-членки на НАТО, меѓу кои Германија, Франција и Обединетото Кралство, доколку не го поддржат неговиот план за преземање на Гренланд. Ова предизвика остри реакции од европските сојузници.
Нападите на Трамп врз меѓународните правила воспоставени по Втората светска војна, како и нивното влијание врз светскиот мир, политиката и економијата, ќе бидат меѓу главните теми на петдневниот форум што започнува на 19 јануари под мотото „Во духот на дијалогот“.
На форумот ќе присуствуваат повеќе од 60 шефови на држави и влади, меѓу кои германскиот канцелар Фридрих Мерц, канадскиот премиер Марк Карни, аргентинскиот претседател Хавиер Милеј, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и сирискиот лидер Ахмад ал-Шараа.
После шест години, Трамп се враќа на форумот и ја предводи најголемата американска делегација во Давос, составена од пет министри и други високи функционери. Во делегацијата се и државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Се очекуваат разговори за Украина, Венецуела, Газа и Иран.
Трамп треба да се сретне и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите од Г7 за да побара американска поддршка за безбедносни гаранции за Украина по можен мировен договор со Русија.
Иако геополитичките кризи ќе доминираат, ќе се разговара и за другите предизвици со кои се соочува светската економија.
За глобалната економија проектираниот раст од 3,1% во 2026 година не е идеален, особено затоа што светскиот долг е на највисоко ниво од Втората светска војна наваму. Меѓународниот монетарен фонд предупредува дека состојбата со долгот е особено загрижувачка во неколку африкански земји. Економските судири меѓу државите се најголем глобален ризик, според годишниот извештај на СЕФ.
Годинава и Република Северна Македонија ќе учествува на СЕФ со владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Тој ќе биде дел од повеќе панел-дискусии и затворени сесии со светски лидери, каде што ќе се разговара за одржлив економски раст, со особен фокус на вештачката интелигенција, а планирани се и билатерални средби со компании кои може да бидат потенцијални инвеститори во државата.
Безбедноста во Давос е на највисоко ниво, со затворен воздушен простор, борбени авиони и ангажман на околу 5.000 војници за логистичка и техничка поддршка.

