
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 се успешно спасени откако биле заглавени во снег на планински терен над селото Лазарополе, во близина на базна станица на операторот, соопштија надлежните институции.
Случајот бил пријавен во СВР Тетово вчера (10 јануари) во 23:30 часот, кога било наведено дека лицата се заглавени во снег и дека со нив не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа.
По пријавата, на терен биле упатени полициски службеници од Полициското одделение Ростуше, припадници на Одделот за специјални полициски операции и Одделот за униформирана полиција при Министерството за внатрешни работи, како и екипи од Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и соодветна спасувачка опрема, спасувачките екипи се упатиле кон локацијата.
Денеска (11 јануари) околу 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „Фолксваген Амарок“ со скопски регистарски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мобилната мрежа на А1, на атарот на селото Лазарополе.

