
Царинските службеници и мобилните царински тимови во изминативе денови спречиле повеќе обиди за шверц на разновидна стока, меѓу кои 103 мобилни телефони, повеќе од два тона банани, над 100 парфеми од познати брендови, 24 килограми режан тутун, масла, суплементи, козметика и друга стока.
На граничниот премин Табановце, цариниците заплениле 500 пакувања суплементи, автоопрема, алати за градежни работи и друга специјализирана опрема со вкупна вредност од над 1,2 милиони денари. Со овие заплени е спречен обид за избегнување плаќање царински давачки во износ од 428 илјади денари.
На граничниот премин Деве Баир, во три случаи, при контрола на автомобили и автобус, спречен е шверц на над 130 парфеми од светски познати брендови, меѓу кои „Армани“, „Жан Пол Готје“ и „Марк Џејкобс“. Иако возачите изјавиле дека немаат ништо за пријавување, по извршен детален преглед биле пронајдени непријавените производи, скриени во багажниот простор, фабрички шуплини и куфери.
Против сторителите, македонски државјани, поведени се соодветни постапки, од кои во пет случаи прекршочни, а во еден кривична постапка пред Основното јавно обвинителство Куманово.
Инспекторите од Одделението за оперативни работи откриле и други обиди за шверц при контроли на возила на граничните премини, во внатрешноста на државата и при увозно царинење. Заплениле опрема за спа уреди, облека, автоделови, алати, козметика, масла, лед-рефлектори и лед-панели што повредуваат права од интелектуална сопственост, како и друга стока за која се избегнувало плаќање давачки.
Во еден случај во внатрешноста на државата, две лица биле затекнати при претовар на стока од автобус во патнички возила без соодветна документација и доказ за платени увозни давачки, по што против нив се поведени постапки.
Царинските службеници од царинарницата Гевгелија спречиле обид за криумчарење 2,3 тона банани и 400 литри маслиново масло. Бананите биле откриени при контрола на пратка пријавена за увоз, при што било утврдено дека дел од количината не била опфатена со царинските документи. Маслиновото масло било откриено при контрола на возило на влез на граничниот премин Дојран.
При контрола на автомобил на излез од царинската испостава Слободна зона Бунарџик, пронајдени биле 24 килограми режан тутун без акцизни маркички.
На граничниот премин Делчево, во два одделни случаи, откриени биле обиди за шверц на делови за камиони, синтетичко моторно масло, алати, дрон и фотоапарат, додека на граничниот премин Деве Баир, на излез од државата, се откриени 103 половни мобилни телефони „Ајфон“ и „Блекбери“ кои бугарски државјанин се обидел да ги криумчари.
Од Царинска управа информираат дека сета непријавена стока е одземена, а против сторителите се покренати соодветни прекршочни и кривични постапки.

