Тренерот на Јувентус, Лучијано Спалети, изјави дека не му требаат засилувања во јануарскиот преоден рок и дека не го загрижува прашањето за нов договор. На прес-конференцијата пред првенствениот натпревар против Лече, италијанскиот стратег нагласи дека е целосно задоволен од постојниот играчки кадар и соработници во клубот.
Иако зимскиот преоден рок штотуку се отвори, а бројни извори тврдат дека Јувентус ќе бара засилувања во средниот ред, Спалети инсистираше дека не побарал од раководството нови играчи.
„Дојдов тука со јасни договори кога го прифатив Јувентус. Не очекувам ништо, многу сум задоволен од играчите што ги имам на располагање“, рече Спалети.
Неговата изјава доаѓа веднаш откако клубот го потврди враќањето на Марко Отолини како спортски директор.

