
Владата прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата која ќе трае седум дена.
Како што информираат од Владата, задолжителните резерви на нафтениот дериват мазут ќе бидат отстапени без надоместок со цел да се обезбеди стабилност во електроенергетскиот систем, а АД ЕСМ ќе има обврска редовно да доставува извештаи за трошењето на мазутот до Владата и до Министерството за финансии.
Одлуката е донесена на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради неможноста за навремена набавка на мазут.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска вчера изјави дека очекува до крајот на неделава МЕПСО да го финализира изборот на фирма што ќе го прави далноводот со Албанија.
Минатата недела, АД ЕСМ преку писмо побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја поради блокадите на грчките земјоделци на Коридорот 10 што ја отежнува доставата на енергенси потребни за производство на електрична енергија.

