
Под товарот на историјата, во 2017 година владите на Македонија и Бугарија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Договорот го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август, а следниот ден, на Илинден, овие двајца, заедно со нивните владини кабинети се поклонија пред гробот на Гоце Делчев во Скопје. Тука беа и Красимир Каракачанов и Ектерина Захариева, но и Бујар Османи и Никола Димитров. Посетата беше со највисоки воени почести, а Заев по зедничкото чествување на Делчев ќе рече:
„Историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на кои почнавме да ја градиме евроатлантската иднина на Македонија, која води до квалитетен живот. Го послушавме Делчев кој ни рече да не се губи времето. За развојот се потребни доброволно подадени раце на граѓани и на народи кои се потпираат и се поддржуваат и така заеднички чекорат стабилно напред. Подадовме рака и раце се испружија кон нас. Бугарија ја покажа истата одговорност за заедничките цели“, ќе рече Заев пред црквата Свети Спас во Старата скопска чаршија.
Еден ден претходно, Борисов во обновената владина зграда во Скопје со нова нео-класична фасада, на новинарско прашање зошто одлучиле заедно да го прослават Илинден одговори:
„Зашто празниците се заеднички. Што треба да правиме, да се тепаме? Многу пати сме го правеле тоа и сите сме големи – Голема Бугарија, Голема Србија, Голема Албанија, Голема Македонија … И поради војните го доведовме Балканот да биде најсиромашно и најзаостанато место во Европа. Ние сакаме да одиме напред и да ги стигнеме Германија, Австрија, Франција… Тоа е празник кој и ние го сакаме. Извинете што го празнуваме“, рече Борисов.
Нема дилема дека договорот за добрососедство беше јасна демонстрација на полтичката воља во двете држави да се влезе во процес на трајно решавање на проблемите кои со децении ги оптоваруваат односите меѓу нив. Тогашната македонска влада понесена од меѓународиот успех на Преспанскиот договор во бугарската авантура се впушти со ентузијазам кој, за жал, не беше попратен и со многу конкретни резултати. Славата што им ја донесе „Преспа“ ги поведе лекоумно да веруваат дека стратешките партнери ќе ги спасат од бугарскиот притисок.
Во новинарските кулоари се лиферуваше приказната дека Бугарија нема да може да му оддолее на притисокот од ЕУ и САД. Наивноста се разбира имаше и цена. Не е постигнат речиси никаков поконкретен напредок во процесот на имплеметацијата на Договорот за пријателство барем во „меките“ ставки како оние за подобрување на соработката во областа на туристичката размена, образованието, културата, социјалната политика, а ниту во поглед на темите како онаа за неправдата нанесена врз еден од доајените на македонизмот како што е случајот на Васил Ивановски па и оној на Асномецот Венко Марковски. Резултати кои можеби на Македонија ќе ѝ обезбедеа подобри позиции во спорот и секако поголем кредибилитет во очите на стратешките партнери. Дополнително отежнувачки фактор ќе биде и сложената внатрешно-политичка ситуација во која се наоѓа третата влада на тогашниот премиер Борисов која во голема мера зависеше од помалите коалициони партнери обединети во таканаречениот патриотски фронт на чело со Красимир Каракачанов, претседател на бугарското ВМРО.
Гоце Делчев
„Ни нас не ни беше лесно со националистите во владата“, вели високо позициониран функционер во тогашната влада на Борисов со кого имав можност да поразговарам неодамна во Софија. „Немаше никаква имплеметација на Договорот за пријателство. Имавме чувство дека од вашата страна си поигруваат со нас. Каков било исчекор да се случеше, работите можеше да се одвиваат поинаку”, додава функционерот кој поради сензитивноста на прашањето побара да не биде споменат со име и презиме.
Според него, моментот кога разговорите тргнуваат во надолна линија во македонско-бугарските односи се случил во 2018 година кога под притисокот да се издејствува некаков напредок во делот на заедничкото одбележување на настани, на еден од состаноците на Комисијата за историски прашања, македонската страна истапува со предлог Софија и Скопје заедно да го одбележат денот кога водачот на Бугарската комунистичка партија и бугарски премиер, Георги Димитров, ги предава моштите на Гоце Делчев на тогашна Социјалистичка Република Македонија, односно 7 октомври 1946 година.
„Да го славиме Гоце Делчев на тој ден, тоа за нас е исто како да прифатиме славење на предавство”, ни изјави соговорникот под закрила на анонмност. Оваа информација ја потврдија и извори од македонската страна.

По оваа епизода следува заладување на односите меѓу двете земји делумно стимулирано и од ладните ветришта кои ги покрена француската блокада на проширувањето на Европската унија. Додека француските барања за реформа на преговарачката методологија да се надминат, Бугарија веќе истапува со своја декларација усвоена од бугарското Собрание во која се содржани максималистички барања, меѓу кои е и негацијата на македонскиот јазик, како услови за бугарско зелено светло за стартот на преговорите со сега веќе Република Северна Македонија.
Оваа бугарска позиција дополнително ќе ги обесхрабри и онака скромните напори на македонската страна за имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Во втората половина на 2020 година претседавањето со ЕУ го превзема Германија која прави сериозни напори да се надминат проблемите со исклучителен притисок врз двете страни. Во ноември истата година во Берлин се повикани министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева со цел германските дипломати да помогнат во изнаоѓање на решение кое ќе го деблокира процесот.
Во Берлин се одржува долга средба на двете делегации која трае повеќе од пет часа. Според извори кои присуствувале на средбата, атмосферата била тензична, особено во дијалозите меѓу двајцата министри. Сепак таа вечер е постигнат заклучок или нон-пејпер со кој се согласуваат двете страни. Овој „договор“ ќе преживее само една вечер. Веќе следниот ден, министерката Захариева по враќањето во Софија и средбата со премиерот Бојко Борисов, ќе отстапи од договореното.
„На средбата во Берлин постигнавме напредок но тој не е доволен“, ќе изјави Екатерина Захариева по враќањето од Берлин и средбата со нејзиниот шеф.
За ваквата промена на позициите дипломатски извори ни појаснуваат дека е направена под притисок на Обединетите Патриоти на чие чело е Красимир Каракачанов кој во македонско бугарскиот спор гледа можност неговата политичка структура да најде наратив со кој ќе ги задржи своите позиции во власта. Бојко Борисов, пак, откако ги избегна клучните реформи во бугарското правосудство и борбата против корупцијата поради што и падна неговата претходна влада во која коалициони партнери беа Реформаторите, стана зависен од поддршката на Каракачанов.
Во таквите околности Борисов се одлучува да им сврти грб на Германците со чие посредство е направен исчекорот во Берлин и да му излезе во пресрет на Каракачанов кој во оваа тема гледа „керозин“ за неговите „патриотски“ наративи.
Каракачанов ја има и логистиката од наследството на „жиковизмот“, a свое место во приказната за себе гледа и тогашниот и сегашен претседател Румен Радев за кого нашите извори во Софија велат дека не е многу отпорен на влијанијата од Москва во нејзините напори да го спречи процесот на проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан. На тој начин, Борисов, а заедно со него и Заев, под влијание на повеќе околности, ја губат контролата врз процесот по што тој влегува во челуста на популизмот.
Наполнет пиштол
„Наполнет пиштол: Национал популизмот во Северна Македонија“ (A loaded gun: National populism in North Macedonia) е насловот на анализата објавена во април 2020 година базирана на две студии спроведени од Фондацијата за хуманистички и општествени студии од Софија. Првата го опфаќа периодот од 1 февруари до 31 мај 2019 година, а втората од 1 јуни 2019 година до 24 јануари 2020 година. И двете беа спроведени со автоматизиран систем за мониторинг и анализа на медиумите – SENSIKA.
Анализата ги детектира изворите на штетните наративи и дезинформации кои биле тогаш активни како и нивната идеолошка матрица и надворешни влијанија. До овој период, како што се тврди во анализата, македонско-бугарските односи се во тренд на зближување на јавноста во двете држави.
Според оваа анализа, постојат драстични разлики во квантиетот на пропагандата во двете земји. Како што се посочува таму, во Северна Македонија руската пропаганда и популистичкиот антизападен дискурс постојат, но се во „блага“ форма. Критиките кон Западот ретко се насочени директно кон НАТО и ЕУ поради силниот јавен и политички консензус за членство. Термини како „Соросоид“ и навредливи квалификации за Западот се користат ретко, далеку помалку отколку во Бугарија, каде овие наративи се значително пораспространети. За една година, од почетокот на 2019 до почетокот на 2020 година, системот SENSIKA открил само 977 написи на македонски јазик кои содржат елементи од ваквите анти западни наративи. Од друга страна, на бугарски јазик биле идентификувани 4.244 вакви написи.

Оваа анализа, меѓу другото, укажува на тоа дека штетните наративи во медиумите и на социјалните мрежи во Северна Македонија често се потхранети и инспирирани од слични структури во Бугарија. Нивните извори се воглавно обремени од т.н. „удбашки“ или „живковистички“ контексти. Студијата детектира и надворешни, директни руски влијанија.
“Во Македонија има две маргинални вонпарламентарни партии кои се проруски и против ЕУ и НАТО. Нивните имиња, Единствена Македонија (Обединета Македонија) и Родина (Татковина), ги копираат имињата на нивните руски пандани и нивните национал-популистички наративи се совпаѓаат со сите главни елементи на руската пропаганда. Тие се промовирани од неколку целосно анонимни онлајн медиуми, кои веќе привлекуваат илјадници следбеници на Фејсбук. Токму во овие области можеме да се сомневаме во директното мешање од Москва. Рускиот отпечаток, сепак, е сè уште премногу мал за да биде значаен и ќе расте само во симбиоза со други фактори”, се вели во оваа студија. Слични па дури и идентични наративи се лоцирани и во Бугарија во која руското влијание преставува позначаен фактор.
Симбиозата на на наративите со директно руско влијание со оние кои се поавтентични и традиционални го активираат вителот во кој ќе започне да тоне квалитетот на македонско-бугарските односи. Во периодите кога е правено истражувањето, во Македонија се интензивира објавата на колумни потпишани од интелектуалци лоцирани како да биле дел од културната елита од времето на социјализмот.
„Овие интелектуалци имаат тенденција да бидат членови на културната елита за време на социјализмот – поети, новинари, дипломати и слично. Бидејќи беа делумно маргинализирани, тие сега воспоставуваат профили на поборници на антиглобалистичка реставрација. Секако, меѓу нив има и помлади личности. Меѓутоа, како и во Бугарија, декласирањето на социјалистичките културни елити е еден од главните фактори за ширење на дезинформации и пропаганда”, се вели во истражувањето.
Како илустрација на тој наратив, во истражувањето се издвоени цитати од написи објавени во она што остана од државниот гигант „Нова Македонија“ сега претворен во една приватната и драстично намалена верзија на првиот македонски дневен весник кој сè уште се печати.
Интересно е да се издвои и делот од истражувањето од 2019 година, кога македонските интеграциски процеси се жртва на блокадата на проширувањето на ЕУ, кога францускиот претседател Емануел Макрон побара реформа на преговарачката методологија. Според анализата, разочарувањето од блокадата во македонските медиуми не беше изразено со навредлив јазик кон Франција, туку преку напад на владата во Скопје.
Професорот Димитар Вацов, кој е еден од авторите на ова истражување, вели дека овие наративи често се поклопуваат со руската пропаганда базирана на критика на западните вредности и ширење на дезинформации за квалитетот на тие вредности, а со цел да се подгреваат антиевропските сентименти. Одвлекувањето на Македонија, а и на целиот Западен Балкан, од европските интеграциски процеси е и една од главните цели на руската надворешна политика пропратена со бројни пропагадни механизми и ширачи на дезинформации.
Ваквиорт развој на настаните ја достигна сржта на меѓусебното недоразбирање и поделби во прикажувањето на спорот околу идентитетот на Гоце Делчев, револуционерен херој во официјалните историографии и на Бугарија и на Македонија. Сосема спротивно на неговата можеби најпозната мисла, властите во Скопје и Софија, наместо поле за културен натпревар, светот го разбираат како поле за сеење омраза и гнев меѓу народите, од чии плодови, до сега единствен губитник е токму македонскиот народ.
(Продолжува)
Пишува: Борјан Јовановски

