
Секој ден во периодот од 15 до 18 часот, од 17 до 21 ноември сите заинтересирани граѓани може да се тестираат за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ), во мкадинскиот центар „Сакам да знам“ кој се наоѓа на Водно. Ова го организира ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, во рамки на Европската есенска недела на ХИВ и СПИ тестирање.
„ХИВ не избира, но секој може да избере да се тестира. Во време кога терапијата за ХИВ е достапна и ефективна, најголемиот ризик е да не го знаеш својот ХИВ статус. Навременото тестирање значи здравје, контрола и мир. ХИВ е контролирана здравствена состојба кога е откриена навреме“, наведено е во соопштението на ХЕРА.
Како што се додава во соопштението, луѓето кои редовно се тестираат и се на терапија имаат недетектибилен вирус, што значи дека не можат да го пренесат ХИВ преку сексуален пат.
„Освен за ХИВ, во текот на неделата граѓаните можат да се тестираат и за сифилис, гонореја, кламидија, хепатит Б и хепатит Ц, со резултати готови за најмногу 30 минути. Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо, а го спроведуваат обучени здравствени работници и советувачи во пријателска и безбедна средина“, се наведува во соопштението од ХЕРА.
Заинтересираните можат да закажат тестирање на 070 227 386 или на 02/3176 – 950. Освен тоа има опција и за закажување термин онлајн на овој линк, а може да се закаже и со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на ул. Елисие Поповски Марко бр.2.

