
Во рамки на еднонеделниот престој на медицинска делегација од Duke University (САД), една од водечките светски институции во клиничката медицина, на Универзитетската клиника за очни болести беа изведени вкупно девет трансплантации на рожница, со што поставија нови стандарди во офталмолошката грижа во нашата држава, соопштија во Министерството за здравство. Заедно со македонските лекари, операциите ги вршеа и професорите од САД проф. д-р Lloyd Williams, асс. д-р Nick Garson и д-р Sheena Song.
„Започнувањето на ова поглавје е резултат на едногодишна, темелна и посветена подготовка започнувајќи од организирањето на националната листа на чекање, усогласувањето на протоколите и административните процедури, до создавање партнерство со Duke University, САД. Верувавме дека нашата земја има потенцијал за современа трансплантација на рожници и денес тоа го покажуваме со првите успешни трансплантации“, посочи националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.
Министерот Азир Алиу кажа дека ова е голем медицински успех, а доц. д-р Наташа Трпевска Шекеринов, директорката на Клиниката за очни болести кажа дека партнерството со Duke University, нивната донација на ткива и директната соработка во оперативните сали, создале силен темел за натамошен развој на програмата.
Како што информираат во министерството, трансплатациите биле реализирани од тимот на Универзитетската клиника за очни болести во состав: директорката на Клиника за очни болести, доц. д-р Наташа Трпевска Шекеринов, насл. доц. д-р Христијан Дума, прим. д-р Бисера Велковска, асс. д-р Ана Трпеска Бошкоска; анестезиолозите д-р Катерина Аспроска Блажевска и д-р Ангелина Трајчевска; анестетичар Канита Арифи, како и медицинските сестри и инструментарки дипл. мс. Билјана Трајчева, мс. Тамара Тасевска, дипл. мс. Суреја Идризи, дипл. мс. Марина Трајковска и целиот персонал на клиниката.
„Од изведените интервенции, според медицинска индикација, две беа направени со методата DMEK – најсоврмена техника при која се трансплантира само еден микронски слој од рожницата, што првпат се изведе во нашата земја, и останатите седум беа пенетрантни кератопластики (PRK), првпат во јавното здравство по половина век“, наведено е во соопштението на министерството.

