Се мијат плоштадот Македонија и кејот на Вардар, а започна и чистење на депонијата Варадриште, која, според новиот градомначалник Орце Ѓорѓиевски ќе биде нова зелена површина. Тој, синоќа, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, сите скопски градоначалници и со јавните претпријатија, ја започна првата активност од својот мандат, чистењето на главниот град за 72 часа.
На паркинзите пред салата „Борис Трајковски“, Ѓорѓиевски ја собра сета механизација и работници кои ќе учествуваат во акцијата, направија светлечко шоу, па заминаа да го чистат градот.
„Ги мобилизираме сите служби и во следните 72 часа ќе покажеме дека е можно Скопје да биде чист, достоинствен и уреден град, изјави Ѓорѓиевски.
Тој вчера најави дека ќе ја преземе целата одговорност за работата на јавните претпријатија. Посочи дека нема да брза да ги смени директорите и нема врз нив да ја префрла одговорноста за состојните во градот.
„Јас сум адресата што ќе биде одговорна пред граѓаните во наредните 4 години. Доколку тие сметаат дека не го водам добро градот стојам зад иницијативата градоначалникот да може да биде отповикан од својата функција, рече Ѓорѓиевски.
Во чистењето на Скопје се вклучија 800 работници и 100 возила, од „Комунална хигиена“ и другите јавни претпријатија, но и од другите градови и од општествено одговорни компании.

