Муцунски оцени дека доколку државата ги имаше усвоено уставните измени, Извештајот ќе содржеше поинакви формулации и тон во одредени сегменти, бидејќи, како што рече, „техничките оценки секогаш носат и политички аспект“. Тој додаде дека Владата во Брисел го пренесува истиот став што го соопштува и пред граѓаните, темелен на чувството дека државата мора да добие гаранции за предвидливост на европскиот пат.
Министерот посочи дека надворешната политика и регионалната соработка се највисоко оценети во Извештајот, со пофалби за усогласеноста со заедничката европска надворешна и безбедносна политика, за партнерството во одбраната и за низа други области. Според него, тоа е доказ дека земјава во сложени геополитички услови успева да го одржи стратешкото партнерство со САД и да се позиционира високо во очите на ЕУ.
Позитивни оценки, како што истакна, има и во областа на образованието, истражувањето, дигитализацијата и работата на Царинската управа. Единствени сериозни забелешки се нотирани во борбата против корупцијата и реформите во правосудството.
„Имаме суштински проблеми во борбата против корупцијата и во реформата на правосудството. Дел од забелешките се однесуваат на Владата, но голем дел и на судството и обвинителството. Процесите доцнат, предметите застаруваат, нема доволна ажурност. Повеќето судии и обвинители чесно ја вршат работата, но има исклучоци на високи позиции кои го држат системот во заложништво“, рече Муцунски, најавувајќи дека Владата ќе ги донесе сите клучни реформи до крајот на годината, а од институциите ќе бара соодветно постапување.
Во однос на критиките на опозицијата за Извештајот, Муцунски оцени дека СДСМ „нема политички кредибилитет“ да зборува за евроинтеграциите, обвинувајќи ја за „контрадикторност“ и ставови кои ги влошуваат позициите на државата. Тој порача дека наместо „нереални критики“, потребно е обединување околу стратешките прашања.
Министерот ја спореди ситуацијата со случајот на Украина и Молдавија, посочувајќи дека Европската унија со примерот на Северна Македонија ги нарушува сопствените фундаментални вредности. Затоа, како што нагласи, државата бара гаранции за предвидливост и кредибилност на процесот.
Во делот на односите со Бугарија и најавите на премиерот Христијан Мицкоски за интензивирање на евроинтегративната агенда по Нова година, Муцунски рече дека процесот мора да биде доверлив за да биде успешен, уверувајќи дека Владата останува на јасни и принципиелни позиции.
„Процесот трае и ќе продолжи да трае сè додека не се најде кредибилно и одржливо решение. Граѓаните треба да бидат уверени дека нема да прифатиме модел што ќе нѐ врати во ситуацијата од пред дваесет години, по сите компромиси што веќе сме ги направиле“, порача Муцунски.

