На седницата, покрај претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, присуствуваат координаторите на пратенички групи и претставници на парламентарни партии, меѓу кои Оливер Спасовски и Јован Митревски од СДСМ, Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Беким Ќоку од Вреди.
Во извештајот се нагласува дека Македонија останува целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што ја потврдува нејзината стратешка ориентација. Сепак, Европската комисија укажува дека се потребни побрзи и поодлучни чекори за отворање на првиот кластер од преговорите, особено во делот на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и заштитата на малцинствата.
Извештајот исто така нотира дека земјата мора да ги засили напорите во борбата против корупцијата и организираниот криминал, со посебен акцент на независноста на судството и ефикасното гонење на случаи на високо ниво. Како клучна забелешка се наведува и тоа што сè уште не се преземени решителни чекори за усвојување на уставните измени, вклучително и вметнување на Бугарите во Уставот, согласно претходно преземените обврски.
Европската комисија потсетува дека членството во ЕУ претставува геостратешка инвестиција во стабилна и обединета Европа и дека процесот на проширување ќе остане строг, фер и базиран на заслуги.
Кандидатите за членство, како што се наведува, мора да спроведат длабоки и неповратни реформи и да изградат општествен консензус околу европските вредности.

