Руската економија се соочува со нов сериозен удар, откако неколку од нејзините најголеми купувачи на нафта, меѓу кои и Индија, одлучија да ги прекинат новите нарачки на сурова нафта од Русија. Одлуката доаѓа по најновиот пакет санкции што САД ги воведоа против најголемите руски нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, што предизвика загриженост кај азиските партнери поради ризикот од секундарни санкци, пренесува Ројтерс.
Цените на нафтата се намалија за околу 2%, што е трет ден по ред на пад, бидејќи инвеститорите го разгледуваа влијанието на санкциите на САД против двете најголеми нафтени компании во Русија врз глобалната понуда, заедно со потенцијалниот план на ОПЕК+ за зголемување на производството.
Фјучерсите за сурова нафта од типот Брент се намалија за 1,22 долари, или 1,9%, на 64,40 долари за барел. Фјучерсите за сурова нафта од типот Западен Тексас (West Texas Intermediate) на американската нафта се намалија за 1,16 долари, или 1,9%, на 60,15 долари.
Во првите девет месеци од 2025 година, Индија дневно увезувала околу 1,9 милиони барели руска сурова нафта, што претставува речиси 40% од вкупниот извоз на Русија. Затоа, ваквиот потег се смета за сериозен пресврт кој може да предизвика значајни последици за приходите на Москва.
Главните причини за стопирањето се зголемен ризик при плаќањата преку санкционирани банки, потешкотии во осигурувањето и транспортот на танкерите, и неизвесност околу правната рамка за идните зделки со Русија.
Од руската страна, Кремљ реагираше со изјава дека „Русија останува конкурентен добавувач на енергенси и ќе продолжи да ја нуди својата сурова нафта по атрактивни цени на глобалниот пазар“. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека ако овој тренд продолжи и Кина ја намали набавката, Русија би можела да изгуби повеќе од една третина од своите сегашни извозни приходи.
Индиските рафинерии веќе бараат алтернативни извори на нафта – главно од Блискиот Исток и Африка, што ќе ги зголеми нивните трошоци, но и ќе предизвика промени на глобалниот пазар.
Индиските рафинерии не направиле нови нарачки за купување руска нафта откако беа воведени санкциите, бидејќи чекаат појаснување од владата и добавувачите, изјавија извори за Ројтерс во вторник.
ОПЕК+, кој ги групира Организацијата на земјите извознички на нафта и сојузниците, вклучувајќи ја и Русија, се стреми кон уште едно скромно зголемување на производството во декември, изјавија за Ројтерс четири извори запознаени со разговорите.
Откако го ограничуваше производството неколку години за да го поддржи пазарот на нафта, групата почна да ги поништува тие намалувања во април.

