Денеска е ден за мега – дербито во мак – фудбалот. Денеска под Шара од 13:30 часот се среќаваат најтрофејните, Шкендија и Вардар. Клубови кои заедно “тежат“ 16 титули во ПМФЛ. Секоја чест за останатите, но во последните 12-13 години ова е убедливо најголемото дерби во нашиот фудбал. И тоа според големината на клубовите, буџетите, трофеите, настапите во Европа, само Шкендија и Вардар успеале да играат во групната или лигашка фаза во европските натпреварување.
Кога играат Шкендија и Вардар или Вардар и Шкендија, тогаш фудбалска Македонија е во исчекување на убав натпревар, квалитетен натпревар, меч со спортски набој, секако коректно навивање и се она што го носи еден меч како епитет мега – дерби.
Во пресрет на ова дерби главното прашање е дали Вардар ќе може да урне, една за него, крајно непријатна традиција. А таа е дека цели осум години чека победа над Шкендија. Последен пат тоа се случи на 14 октомври 2017 година кога на Арената во Скопје беше 4:2. И од тогаш па наваму Вардар се нема радувано на победа против својот голем ривал.
Дали ќе може конечно да слави денеска и тоа на гостински терен? Останува да видиме некаде околу 15:30 часот.

