Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи доживеа убедлива победа на неделните парламентарни избори, добивајќи речиси 41отсто од гласовите со што значително ќе ја засили својата политичка моќ во Конгресот и ќе може полесно да ги спроведува најавените мерки за радикално кратење на јавните трошоци.
Партијата на Милеи, „Ла либертад аванса“ (La Libertad Avanza) освои 13 од 24 сенаторски места и 64 од 127 пратенички места во Долниот дом. Со тоа, бројот на неговите сојузници во Конгресот речиси се удвојува, што го олеснува спроведувањето на неговата програма за дерегулација на економијата, кратење на субвенции, пензии, здравство и јавна администрација.
„Мора да го консолидираме патот на реформите што го започнавме за еднаш засекогаш да ја смениме историјата на Аргентина… да ја направиме Аргентина повторно голема“, рече Милеи пред насобраните поддржувачи во Буенос Аирес. Тој не ја криеше директна алузија на политичкиот слоган на неговиот сојузник Доналд Трамп во САД.
Токму претседателот на САД претходно изјави дека финансиската помош од 40 милијарди долари за Аргентина зависи од тоа дали Милеи ќе успее да го одржи политичкиот импулс. Дел од аргентинската опозиција го обвини Трамп за мешање во внатрешните прашања на земјата.
Овие избори беа прв национален тест за популарноста на Милеи по неговото доаѓање на власт во 2023 година, кога ја почна кампањата за масовно кратење на буџетите со симболично влечење моторна пила на митинзите. Оттогаш, неговата влада отпушти десетици илјади вработени во јавниот сектор и го намали финансирањето за образованието, здравството и пензионерите.
Поддржувачите го слават како лидер кој ја скротил инфлацијата која претходно достигна троцифрени бројки и го стабилизирал буџетскиот дефицит. Но, критичарите предупредуваат на влошување на социјалната состојба: раст на невработеноста, затворање фабрики, колапс на јавните услуги и зголемена сиромаштија.
И покрај триумфот, економската иднина на Аргентина останува неизвесна. Вештачкото одржување на вредноста на пезосот и исцрпувањето на девизните резерви пред исплатата на 20 милијарди долари долг следната година предизвикува загриженост кај инвеститорите и граѓаните.

