Вакцина за превенција на ХИВ ќе биде за прв пат понудена на пациенти преку Националната здравствена служба на Обединетото Кралство, со што политиката во Англија и Велс ќе се усогласи со онаа во Шкотска, пренесува „Би-Би-Си“.
Како што се наведува, долготрајната инјекција, која се дава шест пати годишно или на секои два месеци, претставува алтернатива на секојдневното земање таблети за заштита од вирусот.
Експертите се надеваат дека вакцините наречени каботегравир (CAB-LA) ќе помогнат во остварувањето на целта за запирање на новите случаи на ХИВ до 2030 година во Обединетото Кралство.
Меѓутоа, раните резултати за друга инјекција наречена ленакапавир, сугерираат дека може да биде возможно луѓето да преминат на годишна инјекција за превенција на ХИВ.
Вес Стритинг, секретар за здравствена и социјална заштита, изјавил дека „одобрувањето на оваа револуционерна вакцина совршено ја отсликува определбата на оваа влада – напредни третмани кои спасуваат животи“.
Терапијата за превенција на ХИВ, позната како PrEP (превенција пред изложеност), ја земаат лица кои се негативни на ХИВ за да го намалат ризикот од зараза.
Таблетите се достапни со години и се многу ефикасни во спречување на ХИВ инфекции, но не секогаш се лесни за употреба за некои луѓе.
ХИВ е вирус кој ги оштетува клетките на имунолошкиот систем и ја слабее способноста на телото да се бори со секојдневни инфекции и болести. Може да се пренесе преку незаштитен секс или споделување игли. Мајките, исто така, можат да го пренесат на своето бебе при раѓање.