Претседателот Доналд Трамп e шокиран од изненадувачкиот потег на Кина да воведе широка контрола врз извозот на ретки метали, обвинувајќи ја земјата дека станува многу непријателска.
Но, според Пекинг, токму проширувањето на ограничувањата на Вашингтон врз кинеските фирми ги зголеми тензиите и го натера дополнително да го заостри притисокот врз критичните минерали неопходни за производство на широк спектар на електроника, автомобили и полупроводници.
Трамп рече дека ќе ги врати царините врз Кина на троцифрено ниво поради новите контроли на Пекинг, поттикнувајќи ја кинеската влада да вети соодветни мерки.
Потезите меѓу двете најголеми економии во светот ги потресоа пазарите, ги вознемирија глобалните индустрии од производствени шокови и ги разгореа стравувањата од повторување на nastanite od пролетta, кога даноците врз кинескиот и американскиот увоз достигнаа нивоа еднакви на трговски ембарга.
Обновените тензии, исто така, ризикуваат да го попречат напредокот постигнат во текот на месеците трговски преговори и покренаа прашања за тоа дали планираната средба меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и Трамп во Јужна Кореја на крајот од месецот сепак ќе се одржи.
Откако Трамп навести дека можеби ќе ја откаже средбата, секретарот за финансии Скот Бесент изјави за „Фокс њуз“ дека сè уште очекува тоа да се случи.
Кинеското министерство за трговија денеска соопшти дека останува отворено за разговори, повторувајќи дека САД не можат да бараат дијалог додека се закануваат со нови мерки.
За Пекинг, голем дел од сегашната ескалација можеше да се избегне доколку администрацијата на Трамп не воведеше повеќе ограничувања кон крајот на септември, масовно зголемувајќи го бројот на кинески субјекти на својата листа за контрола на извозот, велат кинеските експерти и аналитичари.
Џин Канронг, професор по меѓународни односи на Универзитетот Ренмин во Пекинг и владин советник, рече дека Пекинг само одговорил на серијата ситни маневри на Вашингтон.
САД сега се преправаат дека се невини, па дури и се обидуваат да се преправаат дека се жртва“, напиша тој во објава во саботата на кинескиот социјален медиум Weibo.
Во текот на летото, односите меѓу САД и Кина покажаа знаци на смирување, особено по трговските разговори во Мадрид во септември и последователниот телефонски повик меѓу Си и Трамп, според Ву Синбо, декан на Институтот за меѓународни студии на Универзитетот Фудан во Шангај и советник во кинеското Министерство за надворешни работи.
Во септемврискиот повик со Трамп, Си позитивно коментираше за разговорите, но исто така го предупреди американскиот претседател да не воведува еднострани трговски ограничувања за да се поткопа напредокот постигнат од двете страни.
Но, Вашингтон значително ги прошири своите извозни ограничувања само 10 дена по повикот, ставајќи ги подружниците на веќе санкционираните компании од Кина и од други места под исти контроли, зголемувајќи го бројот на фирми кои се соочуваат со ограничувањата во Кина од околу 3.000 на уште неколку илјади.
„Од перспектива на Кина, ова е исклучително злонамерно“, рече Ву, додавајќи дека повторно покажува дека Трамп дејствува со лоша намера.
„Ако, по повеќе од половина година справување со Кина, САД сè уште не сфатиле дека преземањето такви мерки против Кина ќе има сериозни последици, тогаш би рекол дека луѓето во тимот на Трамп се апсолутно некомпетентни“, рече тој.