Како што информира Европската комисија, за време на престојот во Скопје Фон дер Лаен в среда попладне ќе се сретна со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
На првиот ден од овогодишната петта по ред западнобалканска турнеја, Фон дер Лаен денеска во Тирана ќе има средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, по што ќе се обрати на отворањето на Регионалниот инвестициски форум на ЕУ за Западниот Балкан.
Попладнево Фон дер Лаен ќе отпатува за Тиват, каде ќе се сретне со црногорскиот претседател Јаков Милановиќ и премиерот Милојко Спајиќ, а утре ќе учествува на Инвестициска конференција за паметна и зелена иднина.
Од Тиват, Фон дер Лаен утре ќе замине за Сараево на средби со членовите на pретседателството на Босна и Херцеговина и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, по што ќе го посети и Меморијалниот центар во Сребреница.
Фон дер Лаен од БиХ ќе отпатува за Белград, каде в среда претпладне ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Ѓуро Мацут, по што ќе замине за Приштина на средби со косовската претседателка Вјоса Османи и техничкиот премиер Албин Курти.
Од Приштина, Фон дер Лаен в среда попладне ќе допатува во Скопје, кое ќе биде последна етапа од нејзината турнеја низ Западниот Балкан.
Европската комисија соопшти дека оваа турнеја ќе биде можност Фон дер Лаен да ја реафирмира поддршката на ЕУ за членство на земјите од регионот во Унијата и за нивниот постепен пристап до Единствениот европски пазар, како и да разговара за спроведувањето на Планот за раст на Западниот Балкан.
Оваа петта по ред годишна турнеја на Фон дер Лаен на Западен Балкан по оние од претходните четири години, како што наведува ЕК, ја потврдува важноста што регионот ја има за Европската Унија.