На 22 октомври, во 20 часот, на малата сцена во Македонскиот народен театар ќе биде одиграна јубилејна 50-тата изведба на монодрамата „Торонто експрес“, работена според мотивите на збирката есеи „Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф и во режија на Јордан Симонов. Во претставата игра Александар Микиќ.
По изведбата е предвиден коктел за публиката, заедно со екипата од претставата, музика и дружење.
„Торонто експрес“ е агенција за помош при емиграција во Канада, чија цел е да се убедат сите Македонци, колективно да се иселат во ветената земја. Адаптацијата на текстот ја направија: Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов.
Александар Микиќ со специфичен актерски израз, прецизен хумор и суптилна чувственост, остава силен и препознатлив печат во претставата. Еден од најангажираните актери на тековниот репертоар на МНТ, Микиќ, зад себе има повеќе од 60 театарски улоги на матичната сцена, 25 филмски и над 10 телевизиски остварувања. За неговото долгорочно и креативно творештво е наградуван со многубројни признанија, со што ја потврдува својата значајна позиција во македонскиот театар и филм.
„Еден од најголемите предизвици за актерите е да играат во монодрама. Се осмелив сам да застанам на сцена и досега 50 пати ја имам изведено „Торонто експрес“. Презадоволен сум од фактот дека успеавме да стигнеме до оваа бројка, што е доказ дека публиката феноменално реагира на претставата.“, вели актерот Александар Микиќ.
Првпат, на ваков начин, споени се книга и претстава, со идеја да се промовираат македонската култура, издавачите, авторите и драматурзите. Книгата и претставата имаат многу допирни точки, но не се целосно исти, крајот во двата проекта е различен. Иако се комплементарни, сепак, нудат различно доживување.