Но, ниту јас, ниту СДСМ, нема да влезе во калта во која тие се чувствуваат комотно. Ќе продолжиме да ја разобличуваме лажната и лицемерна власт. И уште повеќе ќе зборуваме за реалните, секојдневни проблеми на граѓаните. Тоа е нашата борба за поголеми плати на работниците, за 500 евра минимална плата, за поголеми пензии, за земјоделците, за докторите, за наставниците, за младите, за Европа“, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче на вечерашната граѓанска трибина во рамки на кампањата за локалните избори „Се бориме за нашиот дом“ што се одржа во Валандово, на која беа претставени кандидатите за советници и кандидатот за градоначалник, Перо Костадинов.
Филипче додаде дека СДСМ покажал и докажал дека се може, затоа што партијата кога ја водела државата во најтешките кризи платите растеле седум години по ред.
„Минималната плата од 9.000 денари порасна на 22.500 денари, а просечната од 22 на над 40 илјади денари. Донесовме систем за зголемување на пензиите, ја зголемивме за 300 отсто социјалната помош. Дадовме мерки во трите последователни кризи во вредност од 2,6 милијарди евра. Се спасија 80 илјади работни места. Дваесет илјади компании се спасија од затворање, 660 илјади семејства беа заштитени со субвенционирање на сметката за струја, посочи претседателот на СДСМ.