Од 9 до 11 октомври 2025 година, македонската публика ќе има можност да ги погледне три понови словенечки филмови на Деновите на словенечки филм во Кинотека.
Фестивалот ќе биде отворен во четврток, на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања, во реимагинација на „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини: во привидно совршено словенечко „nouveau riche“ семејство влегува Жулиен, син од претходен брак, чија присутност го нарушува кревкиот семеен баланс и ги открива пукнатините под внимателно негуваната фасада.
„Филмот започнува како општествена сатира, преку која ги истражуваме современите проблеми, но како што се откриваат слоевите, приказната преминува во истражување на човечката состојба,“ вели Соња Просенц.
Во главните улоги настапуваат: Марко Мандиќ, Катарина Стегнар, Алиоша Шнајдер, Мила Безјак, Јудита Франковиќ Брдар и Јуре Хенигман.
Соња Просенц со својот дебитантски филм „Дрвото“ (2014) гостуваше на повеќе од 50 филмски фестивали низ светот. Нејзиниот втор долгометражен филм „Историја на љубовта“ (2018) доби специјално признание од жирито во Карлови Вари, со што таа стана првата словенечка режисерка наградена во главната програма на фестивал од А категорија. „Спасение за почетници“ имаше светска премиера на фестивалот во Трајбека.
Филмот е копродукција меѓу Словенија, Италија, Норвешка и Србија, а е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Виба филм и РТВ Словенија. Продуцент е MonoO.
Во петок, 10 октомври, ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник.
Ова акциско-авантуристичко дело ја следи група млади скејтери кои се борат да го спасат своето маалско игралиште. Кога 12-годишната Алма дознава дека фирмата на нејзиниот татко ќе го урне игралиштето, таа мора да се здружи со својата најголема ривалка и нејзината екипа за да го одбранат просторот. Тие имаат само една недела.