„Собранието веќе се изјасни за сплотеност преку Заедничката декларација за фер и демократски избори. Ве потсетувам дека почитувањето на оваа Декларација е морална и политичка обврска за секој учесник во оваа кампања. Политичката трка треба да се одвива во духот на една здрава демократија. Да биде трка на идеи и програми – без инциденти, без заплашувања, без навреди или омаловажувања. Граѓаните заслужуваат почит, а демократијата бара одговорност. Демократијата не се мери со победата на еден поединец или партија, туку со достоинството на изборната трка. Затоа, со доверба очекувам овој изборен процес да биде сведоштво за нашата демократска зрелост и одраз на нашите европски аспирации“, рече Гаши.
Тој на сите кандидати и партии им посака успех и достоинствена кампања, насочена кон потребите на граѓанинот.
„Бидејќи, кога чесноста ја води трката, резултатот е победа за целото општество!“, вели Гаши.