На едно четиричлено семејство во август му биле потребни 58.475 денари, според пресметката на Министерството за економија и труд. Од нив, 21.132 денари биле потребни за храна и пијалаци, а 1.429 денари за здравствени услуги.
Ова е за околу 10.200 денари помалку од синдикалната минимална кошница, која според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во август изнесувала 68.676 денари.
Министерот Бесар Дурмиши вели дека разликата се должи на различните методологии. Тој изјави дека министерската пресметка се темели на официјални податоци за реалната потрошувачка, додека синдикалната ги проценува трошоците за живот на едно семејство.
„Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката“, рече Дурмиши.
Според податоците што ги презентираше министерот, од јануари до август годинава има зголемување на вредноста на кошницата за 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.
Пресметките на Министерството покажуваат и дека потрошувачката кошница во август била зголемена само за 29 денари во однос на јули, а кај храната имало намалување за 255 денари.

