Партнерството за отворена власт (ПОВ) има за цел да ја направи Северна Македонија подигитална, потранспарентна и подостапна за граѓаните, но спроведувањето на дел од клучните заложби сè уште е ограничено. Од дигитализацијата на финансиите на политичките партии и бесплатната правна помош, до отворањето на општинските економски податоци и дигиталните механизми за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки, реформите предвидуваат повеќе отворени податоци и дигитални услуги. Кои се обврските што земјата треба да ги исполни во областа на дигитализацијата?
Од отворени податоци до дигитални услуги: како управувањето се менува преку ПОВ
Соочени со големи глобални предизвици, иницијаторите на реформите во владите и граѓанското општество ширум светот работат на тоа управувањето да биде потранспарентно, поинклузивно и поодговорно, унапредувајќи ги реформите во девет приоритетни области, меѓу кои е и дигиталното управување.
Додека новите технологии и технологиите во развој создаваат можности владите и граѓаните да ја унапредат транспарентноста, отчетноста и партиципативните практики, членовите на Партнерството за отворена власт (ПОВ/OGP) работат на креирање политики кои максимално ги искористуваат придобивките од овие развојни процеси. Меѓу нив е и Северна Македонија, која веќе 15 години е дел од партнерството.
Партнерството за отворена власт во пракса докажа дека не е само процес, туку модел на работа кој покажува дека кога институциите и граѓанското општество работат заедно, резултатите се подобри, поконкретни и покорисни за граѓаните.
На пример, преку овој процес се зголеми проактивната транспарентност на институциите и се зголеми објавувањето податоци и информации од јавен интерес; се отворија податоци и се воспоставија стандарди за отворени податоци; се подобри пристапот до информации од јавен карактер; се развија дигитални услуги.
ПОВ има за цел да поттикне поголеми иновации и технолошки напредок, користејќи ги експертизата и потенцијалот на граѓанското општество за примена на технологиите во функција на доброто владеење.
Што моментално се прави во областа на дигитализацијата и дигиталното управување?
Актуелниот Национален акциски план 2024–2026, шести по ред откако Северна Македонија се приклучи кон ПОВ, опфаќа неколку приоритетни области, меѓу кои се издвојуваат и заложбите во областа на дигитализацијата и дигиталното управување.
Меѓу приоритетите на овој план се развојот и користењето на дигиталните технологии.
Меѓу заложбите се дигитализацијата и унапредувањето на системот за бесплатна правна помош, дигитализацијата на процесите за финансиско известување на политичките партии, како и дигитализацијата на податоците за унапредување на локалните економски политики.
Нема повеќе финансиски извештаи во ворд и ексел, ќе се креира софтвер
Дигитализацијата на процесите за финансиско известување на политичките партии предвидува овозможување на системска транспарентност на финансирањето на политичките партии затоа што е идентификувано дека сегашните начини на финансирање на политичките партии создаваат поволна околина за корупција.
Имено, преку финансирањето на политичките партии се отвораат можности за создавање јаки врски и силни позиции кои подоцна, од позиција на власт, може да се користат за коруптивни цели.
„За да се зајакне надзорот од институциите, но и да се овозможи следење на финансирањето од граѓаните, се предлага воспоставување системска транспарентност на финансирањето, што значи пристап до податоците од финансирањето на политичките партии на едно место”, стои во акцискиот план.
Со оваа заложба се очекува да се подготви софтверско решение што ќе овозможи финансиските извештаи да се подготвуваат директно преку онлајн систем.
Општините заостануваат во дигитализацијата, преку ПОВ се цели кон нивна дигитализација
Има општини со кои што по повеќе основи може да се комуницира електронски, се издаваат електронски документи и сл., но има и такви општини каде што од нивната веб-страница не може да ги добиете ниту основните информации за работата на општината, а камоли пак да се вклучите во процесите на донесување одлуки.
Исто така, не на сите граѓани, па ни на сите општини, им е јасно што сѐ треба да биде ставено на јавни консултации.
Преку акцискиот план се очекува да се унапредат и капацитетите на општините за нивно подготвено учество во процесите на дигитализација и воведување на концептот на е-општини.
„Од друга страна, јавноста ќе има олеснет пристап за вклучување во донесувањето одлуки поврзани со унапредување на квалитетот на живот во локалната заедница преку дигитализација и користење на ИКТ алатки”, се вели во акцискиот план.
Унапредување на локалните политики преку дигитализација
Централизирањето на јавните политики во Северна Македонија ги продлабочи регионалните разлики. Децентрализацијата преку паметна регионална специјализација, базирана на опсерватории за локални податоци, може да ги намали овие разлики. Сепак, бариерите за пристап и недостигот на дигиталните компетенции кај службениците за користење на овие податоци ја ограничуваат трансформацијата.
„Целта на заложбата е забрзување на процесот на децентрализација преку промовирање на систем за градење на регионални и локални развојни политики базирани на податоци. Ова ќе биде постигнато преку зголемување на квалитетот и достапноста на 70 општински податоци како и преку воведување на модерни алатки за нивна анализа и толкување”, се вели во акцискиот план.
Оваа заложба цели кон соработка со неколку јавни институции во насока на подобрување и објавување на локалните економски податоци кои тие ги поседуваат, Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи.
Исто така, дигитализирањето на доходовните податоци до ниво на општина е дел и од заложбите на ЕУ за подобро информирање при креирање на јавни политики и нови закони.
Дигитализација на бесплатната правна помош (БПП)
Преку дигитализацијата и унапредувањето на системот за бесплатна правна помош се цели кон започнување со практична примена на софтверот за менаџирање на предметите за БПП, унапредување на системот за собирање податоци и водење статистики, обезбедување интероперабилност за размена на податоци со другите институции вклучени во системот за БПП како и измена и дополнување на Законот за бесплатна правна помош.
„Дигитализацијата во оваа област значително ќе ја подобри транспарентноста во водењето на предметите за БПП, квалитетот на годишните извештаи и поседувањето на статистички податоци со што значително ќе се подобри информираноста кај граѓаните. Дополнително, со предложените измени на законските решенија би се подобрил пристапот до правда за граѓаните со што би се зголемил опсегот на корисници на овие услуги, а со тоа и довербата во институциите”, се наведува во акцискиот план.
Дигитално управување и во Собранието
Собранието ги утврди своите стратешки цели и приоритети во Стратешкиот план на Собранието за 2024 – 2028 година, донесен на 31 август 2023 година. Стратешкиот план ги опфаќа отворањето и дигитализацијата како приоритети.
Акцискиот план предвидува регистар на регулаторните тела основани од Собранието. Со оваа заложба се цели да се направи исцрпна листа на овие тела, кои сега се водат од службеници како локално зачувани листи во Комисијата за прашања на избори и именувања.
„Заради тоа, Собранието ја препознава важноста да направи целосно достапен инвентар на овие органи, областите на дејствување, мандатите на раководните лица и сите придружни документи кои влегуваат и по соодветна постапка излегуваат од Собранието во форма која е јавна, достапна, пребарлива, дигитализирана за користење и информирање на граѓаните, граѓанските организации, академските институции итн.”, се вели во акцискиот план.
Преку уредувањето на ваквата листа се очекува да се намали бројот на барањата за пристап до јавни информации согласно закон, од оваа сфера до Собранието, со оглед на тоа што овие информации ќе бидат проактивно достапни.
Што покажува извештајот на Независниот механизам за известување?
Во извештајот на Независниот механизам за известување (IRM) се истакнува дека актуелниот Акциски план 2024–2026 година е амбициозен.
Во него се наведува дека централната власт го користи порталот ЕНЕР за консултации за сите предлог-закони и документи во период од 30 дена пред тие да бидат ставени на дневен ред на Владата, а со оваа заложба таквата практика би се применила и на локално ниво.
„Доколку процесите на консултации се стандардизираат и се воведат дигитални алатки, граѓаните полесно ќе можат да учествуваат во донесувањето одлуки на локално ниво”, се наведува во извештајот.
Извештајот ја оценува како ветувачка заложбата за дигитализација на процесите за финансиско известување на политичките партии.
„Оваа заложба би го централизирала доставувањето и објавувањето на овие извештаи во една единствена база на податоци на веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата”, се наведува во извештајот.
Почетната состојба е дека ниту еден извештај за финансирањето на политичките партии не се доставува електронски во машински читлив формат, додека целта е до крајот на Акцискиот план да се постигне 100% електронско доставување.
Во однос на развојот и употребата на дигиталните технологии, конкретно за унапредување на локалните политики преку дигитализација, извештајот на IRM истакнува дека целта е да се воспостави автоматизиран систем за собирање и дигитализација на општинските економски податоци, како и податоците редовно да се ажурираат.
Во однос на Собранието, извештајот на IRM истакнува дека овој план содржи помалку заложби во споредба со Акцискиот план 2021–2023 (11 заложби), додека очекуваните резултати за секој временски рок не се утврдени, за разлика од претходниот акциски план.
Каде застана спроведувањето?
Додека се подготвува следниот, седми по ред, акциски план, прегледот на спроведувањето на заложбите од Националниот акциски план за ПОВ 2024–2026 до јуни покажува дека нивото на спроведување во областа на дигитализацијата останува ограничено.
Конкретно, овој преглед се однесува на заложбата за унапредување на квалитетот на јавните консултации на национално ниво, за која се надлежни Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за јавна администрација.
Се очекува Извештајот за ПВР да биде соодветно ажуриран и унапреден преку адресирање на прашањето за зголемување на видливоста на резултатите од консултациите со засегнатите страни и пошироката јавност при креирањето на политиките, со воведување табеларен преглед во рамките на Извештајот за ПВР.
Како ограничена се опишува и дигитализацијата на процесите за финансиско известување на политичките партии, заложба која е во надлежност на Министерството за финансии.
Во продолжение треба да следат усвојувањето на подготвените подзаконски акти; развојот и воспоставувањето на софтверско решение за дигитално финансиско известување на политичките партии; тестирањето и ставањето во функција на системот и обука на корисниците.
Инаку, Партнерството за отворена власт (ПОВ) е меѓународна иницијатива започната во 2011 година, на која Северна Македонија ѝ се приклучи непосредно по нејзиното основање. Таа има за цел да промовира транспарентност, граѓанско учество, борба против корупцијата и употреба на новите технологии во администрацијата. Денес ПОВ опфаќа 78 држави и бројни организации на граѓанското општество. Во Северна Македонија, покрај извршната власт, се спроведуваат и иницијативи за Отворен парламент и Отворено судство.
Пишува: Фисник Џелили
Текстот е подготвен во рамките на проектот „Заедно за Партнерство за отворена власт: Поддршка на процесот на имплементација и дизајнирање на иднината“, финансиран од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт.

