Заклучно со 18 август, според податоците на ИЈЗ, во земјава се регистрирани 38 случаи на западнонилска треска од кои 36 потврдени и два веројатни, соопшти денес Министерството за здравство.
37 во случаите се регистрирани во скопскиот регион, а еден од Велес.
Регистрирани се четири смртни случаи со невроинвазивна форма на болеста. Станува збор за машки лица на возраст од 62 до 83 години од Скопје, кои биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болети во Скопје. Кај три починати лица биле регистрирани коморбидитети. Од регистрираните случаи 28 се машки, а 10 се женски. Во изминатата недела, од 12 до 18 август, пријавени се 12 нови случаи, вклучувајќи три нови смртни исходи.
На прес конференцијата беше соопштено и дека е започната кампања за СМС информирање на граѓаните.
„Со цел граѓаните од засегнатите подрачја навремено да добијат совети за лична заштита од убоди на комарци, во тек е масовна СМС-кампања за информирање на населението. Кампањата опфаќа испраќање на вкупно околу 38.500 пораки до граѓаните во засегнатите општини. Вчера (18 август) испратени се 6.526 пораки – испраќањето започна во општина Петровец (1.554 пораки), а потоа продолжи во општина Гази Баба. На чекање за испраќање остануваат уште 31.365 пораки, кои постепено ќе бидат доставени до граѓаните во наредниот период. Досегашните резултати покажуваат висок степен на ангажираност – до 70 отсто од доставените пораки се прочитани од примачите и го посетиле линкот со дополнителни информации содржан во пораката“ информираа од министерството.

