По посетата на НУ Струшки вечери на поезијата и средбата со раководството, претседателката Сиљановска-Давкова, која е и покровител на поетскиот фестивал, изјави дека СВП не може да се третира како административно прашање и од врвна самостојна национална установа да се сведе на одделение во друга установа затоа што, рече, 65 години СВП е синоним за светска промоција, го промовира идентитетот и нè прави посебни и познати.
„Навистина е шокантно, за мене е ова некултурен однос. Јас очекував оваа славна институција, овој славен феномен, да биде поткрепен во понатамошниот развој – финансиски, со дигитализација, со простор, со нови проекти, затоа што е препознатлив ширум светот. И вие сега, наместо да го поткрепите и поддржите, зашто тоа го заслужува, да го сведете на дел од бирократијата, на дел од организацијата, мислам дека е длабоко неразбирање на улогата, на меморијата, на успесите, на она што е сторено. Страшно е. Да дојде тоа од некоја институција што не разбира што е култура, ама да дојде од Министерството за култура – за мене е навистина целосно неразбирливо“, изјави претседателката за медиумите.
Посочи дека „дури и во евроинтетрациските процеси ние добиваме посебно место, токму заради СВП“ и дека во организацијата на фестивалот е вклучен и УНЕСКО кое години наназад во партнерство со Струшките вечери на поезијата учествува во доделувањето на наградата „Мостови на Струга“ за дебитантска стихозбирка.
„Но, убедена сум дека во оваа Влада покрај премиерот седат луѓе кои ваков предлог нема да прифатат, затоа што знаат што е култура, што е национална култура, знаат што значат зад нас 65 години културна меморија, што значи врвни поети да велат дека ваков однос кон културата е инспиративен и треба да се поддржува“, додаде Сиљановска-Давкова.
Директорот на НУ Струшки вечери на поеизјата, Никола Кукунеш, изјави за медиумите дека иако тој предлог не поминал на Влада, сепак го чувствуваат како сериозен удар врз институцијата.
Задоволен е што претседателката и покровителка на СВП, Сиљановска-Давкова, застанува во нивна заштита т.е. дека се „на иста линија“.
„Станува збор за предлог што, за среќа, не помина на комисиска расправа, меѓутоа го чувствуваме како сериозен удар – и на нашата институција, меѓутоа е удар што рефлектира и многу пошироко. Особено во овој момент кога се соочуваме со низа непријатности во поглед на оспорувањето на идентитетот, културата, јазикот итн.“, истакна Кукунеш.
За време на посетата на Општина Струга, Сиљановска-Давкова оствари средба и со градоначалникот Менди Ќура.
„Струга е град што помирува и почитува етнички, верски и секакви разлики, град кој може да биде пример за соживот“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со градоначалникот Ќура, на која разговарале за состојбите во општината, меѓуетничките односи и предизвиците поврзани со заштитата на Охридскиот Регион под заштита на УНЕСКО.
Сиљановска-Давкова истакна дека симболично ја избрала Струга за посета на денот кога се одбележуваат 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, нагласувајќи дека градот претставува пример за почитување на различностите и соживот.
Таа посочи дека посебно ја интересирало како независниот градоначалник, кој добил поддршка од граѓани со различна политичка и етничка припадност, успева да придонесе за намалување на поделбите и за обединување на заедницата околу заедничките интереси.
Според претседателката, разговорите биле насочени кон реалните проблеми на граѓаните и кон обврските што државата и локалните власти ги имаат во однос на зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион во рамки на УНЕСКО. Како што изјави претседателката по средбата, неопходно е институциите на локално и централно ниво да дејствуваат координирано за да ја искористат доверената можност и да ги спроведат обврските што произлегуваат од одлуките на УНЕСКО.
„За мене една од важните причини е како да се соочиме со можноста во овие пет години да ја искористиме довербата и шансата што ни е доверена од УНЕСКО. Градоначалникот на Струга има многу важна улога, како и градоначалникот на Охрид, Министерството за култура и другите министерства, односно државата“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа кажа дека ја интересирале приоритетите и првите чекори што локалната власт ги гледа во процесот на заштита на регионот, нагласувајќи дека како претседателка, но и како граѓанин, е особено загрижена за состојбата со Охридското Езеро и поширокото подрачје.
Според неа, Охридскиот регион претставува редок пример на заштитено подрачје во кое не е вреднуван само еден објект или локалитет, туку целокупната природна и културна околина.
„Не можеме тука без соработка да направиме нешто што е неопходно, да си го заштитиме регионот, Струга, Охрид, но и статусот што многу значи“, истакна претседателката.
Во разговорите, како што наведе, било отворено и прашањето за соработката со Албанија во заштитата на езерото, при што посочила дека соседната држава во изминатиот период презела сериозни мерки од кои може да се извлечат важни поуки.
„Езерото нè обединува и не треба да нè разединува. Голем мост може да биде токму обединувањето на сите сили околу заштитата. Исполнувањето на обврските што ги добивме од УНЕСКО е наша должност кон природното богатство и кон урбаното наследство, кое нè прави препознатливи и го подобрува квалитетот на животот“, нагласи Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека е потребно што поскоро да се воспостави ефикасен механизам за координација меѓу институциите, по примерот на решенијата што ги применува Албанија, со цел следните пет години да бидат искористени за конкретни резултати во заштитата на Охридскиот регион.
За градоначалникот Ќура, Рамковниот договор останува темел на соживотот во Македонија и дека токму затоа ова прашање било во фокусот на средбата.
„Веруваме дека повторно отвораме нова страница и нова ера во Струга, каде што се живее добро, се живее заедно и заедно се слават успесите во спортот, културата и другите манифестации што овозможуваат подобар живот за сите граѓани“, порача Ќура.
Тој ја посочи потребата од посериозен пристап кон исполнувањето на препораките за заштита на Охридскиот Регион и нагласи дека треба посериозно да се пристапи кон решавање на обврските што треба да се решат во однос на УНЕСКО.

