Со повеќе државни церемонии во Скопје, Пелинце и Крушево, денеска се одбележува 2 Август – Илинден, Денот на Републиката. Годинава се навршуваат 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе присуствува на чествувањето во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, кое почнува во 9 часот. Во рамките на церемонијата тој ќе има свое обраќање.
Во Крушево државната делегација ќе ја предводи заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, а во неа ќе бидат и министрите за здравство и за правда, Сашо Клековски и Јетон Шасивари.
Крушевската програма започнува во 9:30 часот со положување цвеќе на гробот на Никола Карев во споменикот „Македониум“. Во 10 часот ќе биде положено цвеќе пред Споменикот на хероите на месноста Слива, а во 11 часот ќе се одржи панихида во храмот „Свети Никола“. Големиот народен собир на Мечкин Камен е закажан за 12 часот.
Во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто. Одбележувањето почнува во 10 часот пред споменикот на Карев пред Собранието, продолжува во паркот „Жена-борец“, а во 11 часот претседателката ќе се обрати пред споменикот на Ченто на плоштадот „Македонија“.
Сиљановска-Давкова: Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници
Во честитката до граѓаните, Сиљановска-Давкова го нарече Илинден „најсветиот македонски ден“, на кој во 1903 година македонската републиканска идеја се отелотворила во Крушевската Република, а во 1944 година на АСНОМ било реализирано правото на македонскиот народ на национална држава во која се гарантираат правата на малцинските заедници.
„Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци“, порача претседателката.
Таа ги повика граѓаните, без оглед на нивната етничка, верска, политичка или друга припадност, да ја разбудат „илинденската и асномската совест“ и да се вклучат во изградбата на заедничка, европска и демократска република.
Сиљановска-Давкова нагласи дека земјава треба да биде правна држава заснована врз поделбата на власта и ефективна контрола меѓу законодавната, извршната и судската власт. Во честитката таа повика на борба против насилството, корупцијата и криминалот, како и на компетентна администрација, развиено граѓанско општество и објективно новинарство кое бескомпромисно ќе го брани општото добро.
Пораки за единство, соживот и владеење на правото
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во својата честитка порача дека Илинден е темелот врз кој е изградена современата македонска држава.
„Од херојството на илинденците и визијата со која беше издигната Крушевската Република, преку државотворните одлуки на АСНОМ до денес, се протега една иста идеја – Македонија да биде слободна, суверена и независна држава“, наведе Мисајловски.
Тој повика да се зачуваат вредностите на единството, солидарноста, слободата и меѓусебното почитување и да се гради општество во кое секој граѓанин ќе може достоинствено да живее.
Министерот за правда Јетон Шасивари порача дека Илинден не е само симбол на борбата за слобода, туку и трајна порака дека државата се гради врз еднаквоста, правдата и заедничката иднина.
Тој се повика на Крушевскиот манифест и оцени дека различностите не треба да ги разделуваат граѓаните, туку да ја збогатуваат нивната заедничка иднина.
„Вистинскиот патриотизам се покажува преку почитување на владеењето на правото, заштитата на човековите права и јакнењето на довербата меѓу сите заедници“, порача Шасивари.

