Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) престана да ги објавува неделните извештаи за спроведените инспекциски надзори, посочува граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“. Според иницијативата, со ова се укинува единствениот механизам преку кој јавноста можеше да добива увид во работата на инспекциските служби.
„До март 2026 година, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) редовно објавуваше неделни извештаи за извршените инспекциски надзори. Тие претставуваа единствен редовен механизам преку кој јавноста можеше да добие барем минимален увид во работата на инспекциските служби: каде се вршат контроли, кои субјекти се инспектирани и дали се утврдени неправилности. Оваа практика сега е прекината. Одлуката е донесена без јавно образложение, без претходна најава и без да биде предвидена во Годишните планови за работа на ДИЖС за 2024 и 2025 година, каде транспарентноста е наведена како едно од основните начела на институцијата“, пишува во соопштението.
Оттаму прашуваат кој ја донел оваа одлука, со кој акт е донесена и врз основа на каква анализа е одлучено.
Од ДИЖС им одговориле дека неделните извештаи не биле законска обврска и поради тоа истите нема веќе да бидат објавувани.
„Овој став е особено загрижувачки ако се има предвид дека во ДИЖС моментално се спроведува ЕУ Твининг проект чија цел е токму зголемување на транспарентноста, подобрување на комуникацијата со јавноста и развој на платформа со податоци за инспекциски надзори и индустриски капацитети. Токму затоа е апсурдно што паралелно со ветувањата за поголема отвореност, ДИЖС ја укинува единствената практика преку која граѓаните редовно добиваа информации за инспекциските контроли“, велат од Стоп за Усје.
Од иницијативата посочуваат дека додека ЕУ инвестира во поголема поголема транспарентност и достапност на податоците, ДИЖС во пракса ги намалува информациите што им се достапни на граѓаните.

