Синдромот на полицистични јајници (PCOS – polycystic ovary syndrome) се преименува во полиендокрин метаболен оваријален синдром (PMOS – polyendocrine metabolic ovarian syndrome), со цел да се исправи заблудата дека станува збор исклучиво за гинеколошка болест која создава цисти на јајниците, пренесува „Гардијан“.
„Станува збор за сложена состојба која може различно да ги засега жените, но симптомите најчесто започнуваат во доцната адолесценција. Како што наведува NHS (National health service), тие може да вклучуваат нередовни или целосно отсутни менструации, нередовна овулација, зголемена влакнетост на лицето или телото, акни, зголемување на телесната тежина и опаѓање на косата на главата.
„Во различни фази од животот се јавува на различни начини“, вели проф. Колин Дункан од MRC Центарот за репродуктивно здравје на Универзитетот во Единбург во Шкотска.
Оригиналното име доаѓа од честата карактеристика на состојбата „полицистични“ јајници. Но, тоа име е погрешно.
„Тоа имплицира дека има цисти во јајниците“, но тоа не е точно. Оваа заблуда најверојатно настанала кога истражувачите првпат ги испитувале јајниците“, вели Дункан.
Кај здравите жени, секој месец во јајникот започнува развој на повеќе фоликули, при што еден обично созрева и ослободува јајце-клетка, а останатите исчезнуваат. Кај жените со PMOS, развојот на дел од фоликулите е „запрен“ и често ниту еден фоликул не созрева за да ослободи јајце-клетка.
Што ја предизвикува состојбата на „полицистични јајници“?
Развојот на полицистични јајници е поврзан со уште една клучна карактеристика: прекумерно производство на андрогени од јајниците. Овие „машки полови хормони“ се присутни кај сите жени, но кај PMOS нивото често е покачено.
Ова најчесто е резултат на нерамнотежа помеѓу два други хормони: фоликулостимулирачки хормон и лутеинизирачки хормон. Истражувањата сè уште траат за точно да се утврди зошто настанува оваа хормонална нерамнотежа.
Други фактори ја влошуваат состојбата. Многу луѓе со PMOS имаат инсулинска резистенција, што значи дека телото произведува повеќе инсулин за да компензира. Важно е дека високите нивоа на инсулин ја зголемуваат и продукцијата на андрогени.
„Зголемените андрогени ве прават поинсулин-резистентни. А инсулинската резистенција пак ве тера да произведувате повеќе андрогени. Тоа е еден маѓепсан круг“, вели Дункан.
Зголемената телесна тежина исто така може да ја влоши состојбата. Таа е поврзана со инсулинска резистенција и може да го намали нивото на протеин кој ги „врзува“ вишокот андрогени. Самата состојба PMOS може да го зголеми ризикот од зголемување на тежината.
Колку е чест овој синдром?
Според Светската здравствена организација, оваа состојба засега околу 10 до 13 отсто од жените во репродуктивна возраст.
„Иако станува збор за доживотна состојба, дијагностички може навистина да се утврди само во репродуктивните години“, вели Дункан.
Дункан додава дека состојбата е почеста во некои земји отколку во други. На пример, е поприсутна во Јужна Азија, а поретка во Северна Европа. Но СЗО исто така наведува дека се смета дека околу 70 отсто од жените не знаат дека ја имаат оваа состојба.

