
Првите две недели од јули 2022 година, скопските улици секојдневно беа блокирани од илјадници луѓе. Протестите во организација на про-руската Левица и тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ кулминираат токму на денот кога во Собранието пред пратениците и државниот врв се обраќа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Европа ве чека“, ќе порача таа од говорницата, но тоа едвај ќе се слушне од вревата на опозициските пратеници кои со транспаренти и навреди ќе ја нападнат најмоќната жена во светот.
„Не би било добро да се чека подобар договор од она што го претстави Франција. Секако ваше право е, но размислете колку време посветивме да дојдеме до тука“, додава фон дер Лајен откако лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ќе ѝ остави плакат со едно големо НЕ! на говорницата.
Неколку дена подоцна Собранието со 68 гласа „За“ ќе даде зелено светло за т.н. „француски предлог“, поточно Преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската унија предложена од француското Претседателство со Советот на ЕУ. Како единствен експлицитен предуслов за отворање на преговарачките поглавја, ќе остане внесот на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав. И таа седница ќе помине со звукот на вувузелите и извиците на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица. По завршување на дебатата, а пред гласањето, тие заедно ќе ја напуштат седницата во уште еден знак на протест.
И покрај тоа што и самата фон дер Лајен неколку пати повтори дека во ревидираниот француски предлог македонскиот јазик се признава без какви било квалификации или фусноти, дека нема сомнеж оти македонскиот јазик е македонски, како и дека се почитува националниот идентитет на Македонците, на улиците, во медиумите и на социјалните мрежи преовладувачкиот дискурс ќе остане дека македонскиот јазик не е фуснота, со фашисти не се преговара, дека Македонија нема да да биде протекторат, а од Левица дури ќе донесат и импровизирана гилотина.

Вербална војна на двете ВМРО-вски десници и една Левица
Аналитичарот Жарко Трајановски кој тогаш ги анализираше наративите против уставните промени, посочува дека дел од „антифашистичките“ и антибугарски пропагандни наративи на Левица тогаш воопшто не криеја дека нивната цел е да го спречат влезот на Северна Македонија во Европската унија.
„На пример, откако ЕКРИ во својот извештај за Северна Македонија укажа на типичниот анти-бугарски стереотип и етикетирањето на Бугарите како ‘фашисти’, пропагандистка од Левица во руско-пропаганден стил ја нападна ЕКРИ како комисија на ЕУ за ‘рехабилитација на фашизмот и нацизмот’, иако станува збор за тело на Советот на Европа“, пишува во својата анализа Жарко Трајановски.
Од другата страна на границата, Бугарија веќе е влезена во вртлогот на нестабилни власти и одржува серија на парламентарни избори по ред по кои ништо не е извесно, освен претседателската функција на Румен Радев која во 2021 година ја доби со големо мнозинство на гласови. Тамошните политички актери, не многу различно од оние во Северна Македонија, само ќе додадат масло на огнот и ќе ги засилат поделбите меѓу двата народи.
„Организираните структури од Бугарија кои спроведуваат антидржавни кампањи кон Северна Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба“, ќе изјави тогашниот престедателот Стево Пендаровски веднаш по состанокот на Советот за безбедност на почетокот на 2023 година во екот на оваа македонско бугарска вербална војна.
Налетот на бугарското ВМРО-БНД, на чело со Красимир Каракачанов, на теренот фрли тениско топче кое редовно беше дочекувано и враќано назад од македонското ВМРО-ДПМНЕ предизвикувајќи еуфорија во публиката која бараше сè поостра реторика за да ги задоволи своите страсти во кои разумот почна полека да се потиснува на маргините на овој процес поради што вина, се разбира, имаат и дотогаш конструктивните фактори во двете држави кои се обидуваа да најдат решение.
Сепак, популизмот на бугарското ВМРО-БНД не успеа да ја спаси владата на Бојко Борисов. Пролетта 2021 година, Бугарија оди на избори на кои Бојко Борисов и неговиот ГЕРБ се поразени, а Каракачанов останува без ниту еден пратеник во Собранието по што поднесува оставка. Во 2021 година на власт во Бугарија доаѓаат технократите предводени од Кирил Петков, кој иако со поумерена реторика, не успева да се ослободи од хипотеките на неговите претходници. Во 2022 година, пак, на пролет бугарското Собрание ја усвојува и втората Рамковна позиција која не се разликува многу од првата со сите нејзини претерувања во списокот на бугарските услови.
Франција, како претседавач со значителна одговорност за новонастанатиот хаос и будењето на балканските атавизми, се вклучува активно во изнаоѓање на решение кое ќе го надмине бугарското вето со таканаречениот француски предлог. Во неговата прва верзија голем дел од условите содржани во двете Рамковни позиции отпаѓаат под силен дипломатски притисок врз Софија од Париз, Брисел и Вашингтон. Сепак македонската влада го отфрла првиот француски предлог во кој стои бугарското барање за фуснота на македонскиот јазик во службената употреба во ЕУ. Македонија добива поддршка за барањето македонскиот јазик да не се условува со никаква фуснота и како факт во сите лингвистички атласи да биде прифатен како таков. На 30 јуни 2022 година, владата на Димитар Ковачевски го прифаќа тој план во кој единствен услов за отворање на поглавјата по скрининг процесот е внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав. Со ова, бугарското вето е надминато и Советот на ЕУ ја усвојува Преговарачката рамка за преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија.
Во оваа Преговарачка рамка, исто така, не постои експлицитен услов за завршување на работата на заедничката комисија за надминување на историските прашања, туку само охрабрување својата работа да ја финализира до зачленувањето на Македонија во ЕУ што не значи и обврска ниту услов за членство. Во врска со обврските преземени од Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година и од Протоколот од втората средба на меѓувладината македонско-бугарска комисија, согласно правилата на ЕУ за резултатите од работата на оваа Комисија, комесарот за проширување Оливер Вархеји пред Советот на ЕУ дава усно излагање за кое нема гласање од страна на земјите членки.
Што се однесува до македонските обврски во преговарачкиот процес со чие исполнување се условува текот на преговарачкиот процес и за кои Европската комисија доставува писмен извештај кој е предмет на гласање во Европскиот Совет од страна на земјите членки, во Преговарачката рамка јасно стои дека единствена тема која е предмет на бенчмарк (одредница) за која се гласа во Советот е имплементација на Акцискиот план кој се однесува на заштитата на правата на сите малцински групи во Македонија. Во таа смисла, посебен акцент се става на говорот на омразата кој во случајот не се ограничува на Бугарија туку како социопатски феномен со кој Македонија има посериозни проблеми како во односите со соседите така и во меѓуетничките односи.
Офанзива на дезинформациски наративи
Тогаш на теренот во Скопје истрчува домашниот полулизам во една еклектична стурктура во која во симбиоза влегуваат ВМРО-ДПМНЕ, веќе разиграните „удбашки“ структури, но и поголема група на поединци и невладини организации кои своите авторитети ги изградија на проевропска агенда. Сите заедно обезбедуваат масовна поддршка на јавноста за големото НЕ! за Преговарачката рамка и Договорот што сега резултира со лет во место на патот на македонската држава кон ЕУ. Од тој момент започнува вртоглавиот пад на проевропското политичко расположение и исто толку вртоглав раст на евроскептицизмот, особено меѓу етничките Македонци како мнозинско население.
Подоцна, германското Министерство за надворешни работи ќе иницира истражувањето на наративите кои влијаеа врз овој драматичен развој на настаните, односно како договорот кој требаше да биде почеток на трансформацијата на Македонија доведе до нејзино враќање во рововите на минатото.
Студијата беше публикувана во декември 2024 година од Инстутут за стратешки дијалог (ИСД) од Берлин а нарачана од германскиот Бундестаг, а методологијата вклучува мониторинг на онлајн медиумите првенствено преку податоци добиени од социјалните мрежи. Еден од авторите на студијата е и Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хумнанисички науки (ИОХН-С).
Според Колозова, т.н. „француски предлог“ во македонската јавност намерно се претставува како заткулисен документ на Француската влада за решавање на македонско-бугарскиот спор, наместо тоа што навистина е односно Преговарачка рамка на ЕУ за Македонија.

„Да, предлогот дошол за време на француското претседаелство но е предлог на Советот на ЕУ. Патем, забележавме дека изразот ‘француски предлог’ се применува само на територијата на нашата држава, и по нешто во Бугарија но никогаш во западно-европските медиуми, каде се употребува само европската Преговарачка рамка“, вели таа додавајќи оти најчестите фрази во наративите кои се повторуваат во тој период се дека преку промената на името и преку т.н. француски предлог Европа се однесува фашистички и го брише македонскиот идентитет, дека не ни треба ЕУ, туку треба Европа да ја донесеме дома итн итн.
„Студијата на ИСД-Берлин во која учестував, која вклучуваше доктори на науки по дигитална анализа на податоци и медиуми од ИСД-Лондон, покажа дека кога ќе ги вклучите во алатката на „жнеење податоци“ клучните зборови поврзани со наративите спомнати погоре, добивате над 300,000 точки на податоци кои независно дали ќе ги вклучите или не граѓанските организации во мрежата на податоци, наративот останува ист. Со други зборови, и кога ќе ги исклучите нивните дата точки и ги оставите само десничарите и Левица, мрежата останува иста. Ова е доказ дека независно дали креаторот на дискурсот е политички ентитет кој е центар десно или радикално десно или лево или, пак, т.н. граѓански организации, наративот и распоредот на точките на податоци остануваат исти”, вели професорката Катерина Колозова.
Во целиот процес особено се забележува некритичкиот однос на медиумите кон бројните дезинформации и шпекулации во врска со Преговарачката рамка. Голем број од медиумите кои важат за проевропски или таканаречени „неутрални“ упорно го применуваат терминот „бугарско вето“ кое всушност беше надминато со „францускиот предлог“ и од тој момент станува Преговарачка рамка. Ваквото упорно повторување на „бугарско вето“ создаде илузија во јавноста дека доколку ЕУ ги смени правилата на одлучување и принципот на консензус го замени со квалилификувано мнозинство, тогаш ќе се поништи „бугарското вето”.
Овој процес на офанизвата на дезинформациите, манипулациите и шпекулациите кои ја дисторзираа јавната дебата го следеше и Институтот за медиуми и анализи (ИМА) кои посочуваат на многу дезинформации во врска со Протоколот, како на пример дека тој предвидува рушење на споменици во Македонија кои не се одобрени од Бугарија, дека цела документација од архивите во Македонија од 1945 до 1990 ќе се носи во Бугарија или дека ќе има затворски казни за „говор“ против Бугари.
„Независните проверувачи на факти докажуваат дека ништо од ова не е точно, како што не е точно и тоа дека новите учебници ќе бидат одобрувани во Бугарија или дека Македонија ќе треба да ѝ се извини на Бугарија за прогонот на Бугарите во Македонија од страна на комунистите. Во рецензијата на објавата исполнета со дезинформации, Вистиномер.мк се осврнува и на инсинуациите дека Протоколот предвидува да бидат забранети книги, филмови и други уметнички дела кои не се одобрени од Бугарија и дека сите идни нови книги и филмови ќе мора да бидат одобрени во Софија”, се вели во анализата на ИМА.
Посебно на удар ќе се најдат и членовите на историската комисија кои пропагандната машинарија ќе ги дискредитира со цел да ги престави како „предавници“. Интересно е што бројот на објави против договорот се интензивира кога член на ВМРО-ДПМНЕ запознаен со работата на историската комисија пласира информација дека македонските претставници во оваа Комисија добиле „политичка наредба” да ги одобрат сите барања на нивните бугарски колеги за што не е доставен ветуваниот доказ. Но, ефектот на разгорување на огнот е постигнат со бројни објави во кои се содржани низа дезинформации. Овие објави се констатирани и во истражувањето нарачано од германскиот бундестаг.
“Во 2023 година продолжи трендот од 2022 година да се обвинува историската комисија за ‘бугаризација’. Партијата ‘Левица’, која во 2022 година ја обвини Комисијата за бугаризација на македонскиот народ, дека била во служба на врховизмот, и во 2023 година продолжи преку нејзини претставници да ја жигосува како орган за бугаризација“, се вели во истражувањето на Институтот за медиуми и анализи (ИМА). Според нив, речиси истите пропагандни мрежи, канали на комуникација и дезинформациски наративи за загрозеност на македонскиот идентитет, јазик и народ, користени во 2018 за време на Договорот од Преспа и референдумот, се користат и во 2022 година во врска со „францускиот предлог“ и во 2023 година во врска со уставните измени.

Широки хоризонти
Поведен од оваа атмосфера, тогашниот лидер на опозицијата, а сегашен премиер, Христијан Мицкоски, прифаќајќи го дискурсот на Левица, тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ е „браникот на македонскиот јазик и идентитет“ и нема да дозволи промена на Уставот. Тој, токму на 14 јули пред Собранието ќе обзнани дека на Урсула фон дер Лајен и покажал „слики од убиствата на младите во Ваташа, херојот Вера Циривири Трена и депортацијата на Евреите направени од бугарскиот фашистички окупатор“.
„Да прифатиме ли сега дека се администратори?! ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи Уставни промени!“, ќе потенцира тогаш Мицкоски. Денеска, владејачката коалиција има речиси дво-третинско мнозинство во македонското Собрание, а разликата од неколку пратеници потребни за усвојување на уставните измени може да ја обезбеди без поголеми проблеми. Но, прашање е што тоа ќе значи за неговата политичка кариера. Во меѓувреме сè уште преовладуваат наративите дека во прашање е македонскиот идентитет, па се бараат гаранции оти Бугарија нема да испорача нови барања во пристапниот процес.
За да се стигне до оваа „мртва точка“ голема улога одиграа и медиумите од двете страни на границата. Тие ја носат одговорноста за сето она што се објавуваше на тема македонско-бугарски односи во изминатите децении. Затоа, чесно е да се каже дека на македонската јавност ѝ се приопштуваа, како по правило, провокативните изјави на маргиналлци и ловци во матно. Од осамостојувањето досега секој здраворазумен лесно ќе заклучи дека ние во Македонија знаеме многу малку за она што денеска претставува современа Бугарија и нејзината културно-општествена динамика.
Мојот престој во Софија од само неколку дена за потребите на ова истражување ми отвори сосема нови хоризонти запознавајќи луѓе кои одамна го имаат надминато прагот на „жиковизмот“ и денеска се дел од еден поширок духовен простор географски одбележан како Европа. Од нив, исто така, дознав за многу концерти, промоции, изложби на македонски автори кои ја воодушевиле софиската културна и полтичка елита. За жал, јавноста во Македонија речиси и да нема добиено никава информација за овие случувања.
Низ текот на годините имав чест да се запознам со многу Бугари кои кон Македонија гледаат без никакви предрасуди. И во тој контекст, се сеќавам на една благородна иницијатива на активисти од Бугарија и Македонија, сега веќе во далечната 2013 година. Тогаш во онлајн просторот се појави инцијатива градските власти во Софија и во Скопје да се согласат да именуваат една улица во македонската престолнина со името на Жељу Желев, а една улица во Софија да го носи името на Борис Трајковски, првиот македонски претседател кој им одолеа на стигмите и заедно со неговиот бугарски колега Петар Стојанов заедно чествуваа историски настан кој ги обединува двете општества.
Инцијативата на социјалните мрежи собра речиси 5.000 потписи но, за жал, ниту еден медиум не најде за сходно да ја поддржи. И во овој контекст на живеење изолирани едно од други, не со ѕид, туку со маглата која ја посеаја националистите, овој фељтон би сакал да го завршам со изјавата на мојата голема пријателка Луција Поповска која денскка живее во Софија како Извршен директор на глобалната мрежа на организации „Мастерпис“.
„Jас живеам во Софија (која е еден одличен град со многу мемории за бегалците од Македонија) веќе доста години. Од нештата кои ги забележувам, прво би спомнала дека, додека не се доселив овде не знаев колку тесно е поврзан бугарскиот идентитетски наратив со Македонија. Тоа доста ме изненади и разбирам дека нема начин нашите одности да се подобрат без ние да го разбереме тоа”, вели Луција.
Со искуствата како ова на Луција или со добронамерноста на оние кој сакаат да го видат регионот во мир, благостостојба, просперитет, дијалог и разбирање, можеби за почеток брзо ќе дознаеме зошто првиот главен уредник на Нова Македонија, Васил Ивановски не можевме да го поднесме ниту ние ниту Бугарија во времето на комунизмот, а со тоа и да дознаеме, како ние така и Бугарите, што сакал да каже уште во 1933 година со текстот со наслов “Зошто ние Македонците сме одделна нација”. Ова сознание низ еден зрел демократски процес секако може да биде одговор и на многу други прашања кои сега ги држат македонско-бугарските односи во вителот на балканските атавизми.
Пишува: Борјан Јовановски
(крај)

