
Претседателот на САД, Доналд Трамп во неделата изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „не е подготвен“ да го потпише американски предлог за мир кој има цел да стави крај на војната меѓу Русија и Украина, објави Асошиејтед прес.
Трамп беше критичен кон Зеленски откако американските и украинските преговарачи го завршија тридневниот циклус разговори во саботата, насочени кон намалување на разликите околу предлогот на САД. Но, во разговор со новинарите во неделата вечер, Трамп сугерираше дека украинскиот лидер го блокира напредокот.
„Малку сум разочаран што претседателот Зеленски сè уште го нема прочитано предлогот, барем до пред неколку часа. На неговите луѓе им се допаѓа но нему не“, рече Трамп додавајќи: „Русија, мислам дека е во ред со предлогот, но не сум сигурен дека Зеленски е. Неговите луѓе го сакаат. Но тој не е подготвен“.
Рускиот претседател Владимир Путин јавно не го одобри планот на Белата куќа. Всушност, минатата недела Путин рече дека одредени аспекти од предлогот се „неиздржани“, иако оригиналниот нацрт значително ѝ одеше во прилог на Москва.
Трамп има променлив однос со Зеленски откако го започна својот втор претседателски мандат, тврдејќи дека војната е „расипничко трошење“ на парите на американските даночни обврзници. Тој повеќепати ги повикуваше Украинците да отстапат дел од својата територија на Русија за да се стави крај на речиси четиригодишниот конфликт.
Зеленски во саботата изјави дека имал „суштински телефонски разговор“ со американските официјални лица вклучени во преговорите со украинската делегација во Флорида. Тој наведе дека бил информиран преку телефон од американските и украинските претставници.
„Украина е решена да продолжи да работи со американската страна во добра волја за да се постигне вистински мир“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Критиките на Трамп кон Зеленски дојдоа во момент кога Русија во неделата позитивно реагираше на новата стратегија за национална безбедност на администрацијата на САД, според коментарите на портпаролот на Кремљ, објавени од агенцијата ТАСС.
Дмитриј Песков изјави дека стратегијата, која ги поставува главните надворешнополитички цели на администрацијата на САД, во голема мера е усогласена со визијата на Москва.
„Во документот има изјави против конфронтација и во корист на дијалог и градење добри односи“, рече тој додавајќи дека Русија се надева оти тоа ќе доведе до „понатамошна конструктивна соработка со Вашингтон за украинското прашање“.
Стратегијата, објавена во петокот од Белата куќа, наведува дека САД сакаат да ги подобрат односите со Русија по години меѓународна изолација на Москва и дека завршувањето на војната е клучен американски интерес за „повторно воспоставување стратешка стабилност“.
На форумот за одбрана „Реган“, специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, рече дека напорите за завршување на војната се „во последните 10 метри“. Тој кажа дека договорот зависи од две нерешени прашања: „територијата, пред сè Донбас“ и нуклеарната централа Запорожје.
Русија контролира поголем дел од Донбас, односно регионите Доњецк и Луганск како и два јужни региона кои ги анектираше пред три години. Нуклеарната централа Запорожје се наоѓа во зона под руска контрола и е исклучена. За да се избегнат катастрофални последици, таа мора да добива сигурно напојување за ладење на реакторите и складираниот отпад.
Келог, кој ќе ја напушти функцијата во јануари, не беше дел од преговорите во Флорида.
Меѓутоа, британски, француски и германски лидери ќе се сретнат со Зеленски во Лондон во понеделник, велат официјални лица.
Во меѓувреме, руски ракетни, беспилотни и артилериски напади во текот на саботата вечерта и неделата убија најмалку четири лица во Украина. Еден маж загинал во напад со дрон во северниот регион Чернихив, додека комбиниран напад во Кременчук предизвикал прекин на струја и вода. Кременчук е индустриски центар со една од најголемите рафинерии во Украина.
Украински и западни претставници велат дека Русија повторно се обидува да ја парализира украинската енергетска инфраструктура и да ги остави цивилите без греење, електрична енергија и вода четврта зима по ред, што Киев го нарекува „вооружување на студот“.
Во регионот Харкив, три лица загинале, а десет се ранети во неделата во руско гранатирање, соопшти регионалното обвинителство.
Извор: Асошиејтед прес

