Зачуденоста што преминува во осуда, првично е предизвикана од непобитниот факт дека антифашизмот и борбата против нацизмот се базичните принципи на кои е заснована македонската државност со документите од АСНОМ во 1944 година. Многумина во ваквите гласања на македонската дипломатија гледаат контроверзност и „самоиронија“, зашто во процесот на евроинтеграции, токму Македонија е најзагрозена од европските држави со бришењето на историската меморија од времето на агресијата на фашизмот врз македонскиот народ. Се проценува и дека токму актуелните спорови со Бугарија се под директни влијанија на неофашизмот.
Но, објаснувањата за ваквото гласање на Македонија во ОН, против резолуциите со кои се осудува нацизмот и неонацизмот се во корелација со усогласеноста со надворешната политика на ЕУ. Имено, гласањето против резолуцијата на Руската Федерација за борба против неонацизмот, исто како и земјите од ЕУ, е поради солидарност со Украина, како и поради злоупотребата на оваа резолуција од страна на Русија, која јавно ја имаше оправдано својата воена агресија со тоа што тврдеше дека спроведува таканаречена „денацификација“ на Украина. Односно, ставот на ЕУ е дека „цврсто стои против сите форми на антисемитизам, кој е некомпатибилен со основните вредности и принципи на кои е основана ЕУ“.
Меѓутоа, како што се додава во објаснувањето, ЕУ смета дека оваа резолуција ја злоупотребува оваа агенда и продолжува да става акцент на селективен и извртен начин на прашања кои во суштина се далеку од борбата против расизмот и дискриминацијата.

„Тоа е прикриен обид на Руската Федерација да ја промовира сопствената искривена верзија на историјата под превезот на борбата против неонацизмот... Силно ја осудуваме политички мотивираната злоупотреба на наративот на антинацизмот и недвосмислено ја отфрламе неточната и погрешна употреба на терминот ‘денацификација’ за да се оправда руската нехумана, сурова и незаконска агресивна војна против Украина. Ова ги поткопува вистинските напори за борба против неонацизмот. Како и претворањето на резолуцијата која треба да се занимава со сериозно прашање во средство за пропаганда и дезинформации. Како што продолжува агресијата против Украина, видовме како Руската Федерација продолжува да ги злоупотребува форумите на ОН за ширење на овој лажен наратив“, е генералниот став на ЕУ во однос на гласањето за резолуциите против нацизмот е неонацизмот, кои ги поднесува Руската Федерација.
Всушност, кога првпат Русија ја има поднесено резолуцијата против глорификација на (нео)нацизмот, пред агресијата врз Украина, Македонија гласаше „воздржано“, а потоа исклучиво „против“.
Но за македонската јавност не е контроверзно само гласањето против резолуциите што ги предлага Руската Федерација, од дејствувањето на делегацијата на Македонија во ЕУ. Како несоодветни за хуманистичките вредности и солидарноста на кои е заснована македонската држава и кои се во традиционалниот вредносен систем на македонското општество, се восприемаат и гласањата „против“ и „воздржано“, исто во ОН, за глобалните кризни прашања последниве две години за примирјето во Газа, признавањето на Палестина, укинувањето на санкциите врз Куба… Дури и во последниот извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на Македонија, има блага забелешка за неусогласеноста во гласањата во ОН, со оние на земјите на ЕУ, за одредени глобални теми.
Имено, извештајот бележи и нијанси во гласањето на ОН: во февруари 2025, при резолуцијата за „сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, Македонија беше воздржана и го поддржа алтернативниот документ спонзориран од САД. Одлуката не ја поништува европската линија, но отвора прашања за доследност во ситуации кога Брисел очекува единствен фронт, се забележува во извештајот на ЕК.
Покрај тоа, забележани се и други точки на несогласување со европските стандарди, односно преферирање на меѓународната агенда на САД. Во извештајот на ЕК е нотирано дека сѐ уште важи билатералниот имунитетен договор со САД кој им дава изземања од надлежноста на Меѓународниот кривичен суд – што не е во линија со заедничките позиции на ЕУ за интегритетот на Римскиот статут. ЕУ смета дека тоа е политички чувствителен остаток од минатото и ќе мора да се адресира ако се сака целосна усогласеност „без звездичка“.
Во целиот овој контекст на некакво усогласување на македонската надворешна политика со интересите или на ЕУ како земја-кандидат, или на САД, како стратешки партнер, се поставуваат прашањата колку македонската дипломатија ги застапува автентичните македонски интереси и принципи како суверена држава и дали има одредени придобивки од таквите „усогласувања“.
„Факт е дека Македонија целосно се усогласува со САД при гласањата во Обединетите Нации. Тоа е резултат на стриктната политика на Вашингтон да води сметка кој како гласал таму и според тоа да го рангира нивото на пријателство со одредени земји. Одамна е познато дека гласањата во ОН беа главниот фактор според кој САД ја одредуваа и помошта што ја даваа на другите земји. Меѓутоа, малку е познато дека најчесто и нивниот амбасадор во ОН е член и на Владата, која ја раководи претседателот на САД.
Нашето гласање пак во ОН, покажува дека се однесуваме без принципи и слепо следиме туѓи политики. Тоа во никој случај не ни служи на чест, бидејќи очигледно се однесуваме без никакво достоинство“, вели поранешниот македонски амбасадор, Ристо Никовски.
Во однос на можните придобивки на меѓународен план за Македонија со (не)поддршката на одредени предлог-резолуции, декларации, иницијативи во Обединетите Нации, дури и кога тие се (навидум) спротивни на нејзините интереси и принципи, поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети е категорична дека некои работи „немаат цена“.
„Не признавам ‘придобивки’ по цена на достоинството и хуманизмот. Без оглед на причините и ставовите на нашите, да ги наречеме – сојузници, за одбивање на резолуциите за осуда на нацизмот и неонацизмот во ОН, ние мораме да се водиме од тоа дека борбата на македонскиот народ против тоа историско зло ја создаде државата Македонија. Гласање против осуда на нацизмот е како себеодрекување. Освен тоа, со таквиот деклариран став на меѓународен план дозволуваме да се изрелативизира антифашизмот. Некои работи, навистина немаат цена и со нив не се ‘тргува’ за никакви придобивки“, смета амбасадорката Корнети.
Јасминка Павловска

