Читајќи го Преспанскиот договор лесно може да се заклучи дека употребата на ознаката НМК за Македонија по сообраќајните знаци низ Србија е спротивно на сите меѓународни договори и усвоениот меѓународен код МК или МКД. Од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија лани, во одговорот на прашањето на МКД.мк, велат дека добиле ветување од Србија дека наскоро ќе биде поправена оваа грешка.
Но, излегува дека не е грешка. На 30 јуни 2020 година во Службен весник бр.174 е објавен Правилник за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот донесен од Министерството за транспорт и врски (тогашен министер беше Горан Сугаревски, а премиер Зоран Заев).

Во член 1 од Преспанскиот договор пишува: „Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна (Македонија – н.з.) ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО)“.
Пред еден месец Иван Мирчевски и Александар Видиновски од ТВ Канал 5 поднесоа иницијатива до Уставниот суд во која се оспорува Правилникот за сообраќајни знаци, опрема и сигнализација на патот. Во иницијативата пишува дека се повредени уставни и законски одредби затоа што се користи код спротивно на Преспанскиот Договор, на Уставот на Македонија и на утврдениот UN/LOCODE за Македонија.
Од Уставниот суд за МКД.мк одговорија дека по оваа иницијатива „оформен е предмет УЗ.бр.68/2025, истиот се наоѓа во претходна постапка, побарано е мислење од страните во постапката, за што сѐ уште не е изминат рокот за нивно произнесување“.
Универзитетскиот професор Дејан Маролов е дециден. Секој ратификуван меѓународен договор има сила на закон.
„Секој ратификуван меѓународен договор има сила на закон и тоа е предвидено со Уставот. И не само што добива сила на закон, туку истиот не може да се менува со друг закон. Дополнително, кај нас таквите договори се сметаат и за посилни од домашните закони и се искачени на скалило или две повеќе“, вели Маролов за МКД.мк.
Според Уставот, Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок.
„Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија. Меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон“, пишува во Уставот на Република Македонија.
Очигледно е дека претходната власт, самостојно или под притисок од некоја трета страна, спротивно на Преспанскиот договор се согласиле ознаката НМК да биде знак на земјата на сообраќајните знаци, а не кодот МК или МКД.
А.Д.

