Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „’Afro Gitano’ е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото.
„Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка“, вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно“.
Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата

