За тоа дали и како ќе се постигнат овие цели, за дел од (не)работењето на сегашната градоначалничка, Данела Арсовска, зборуваме со кандидатот за градоначалник на Скопје Мециновиќ, кој не отстапува од тезата дека градот убав пак ќе никне. Иако има три пати помала програма за промени на Скопје и три пати помалку освоени гласови во првиот круг од неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, Мециновиќ е оптимист, верува во победа и дури верува дека ќе му земе дел од гласачите на опонентот.
За една недела ќе се избере човекот што во наредните 4 години ќе раководи со градот Скопје. Во трка сте со членот на владејачката партија Орце Ѓорѓиевски, со кој се борите за раководење со град со огромен потенцијал за развој, но со голем застој. Од едната страна е оној што има буџетски средства за рекламна кампања, а од друга страна сте Вие, кому Ви останува креативноста. Иако успеавте и без пари за реклами по медиуми да освоите место во вториот круг, сепак, сметате ли дека со тоа што за Левица не беа одвоени пари за рекламирање од државата и Ви останаа само социјалните мрежи, загубивте многу гласачи?
– Секако дека да. Но не само тоа, не се работи само за буџетски пари што не сме ги добиле, туку се работи и за една многу посериозна работа. Сега имаме една многу поинаква ситуација во вториот круг и јас како граѓанин на Република Македонија добивам повреда на моето пасивно избирачко право, со тоа што јас во директната борба со мојот противкандидат сум дискриминиран во поглед на ресурсите од државата што се ставени на располагање, кои треба да обезбедат една еднаква борба во демократскиот процес. Но тоа не е случај. Не смее да дозволиме ова да оди во зголемување на авторитарноста на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, но ние сето тоа многу брзо го надминавме, бидејќи пристапивме човечки, непосредно и со една замисла, а тоа е дека политиката повторно треба да влее надеж за животот во Скопје и сите ќе се согласиме дека состојбата е лоша, но потребна ни е надеж.

Скопје, град по мерка на жител, а не по мерка на инвеститорот, стои во Вашата програма за локалните избори. Како? Може ли еден човек да се избори со урбаната мафија кога градот е бетон од сите страни?
– Сметам дека ништо не е посилно од колективниот одговор на градските и државните власти. И доколку во кој било момент имало желба за прекин на уништувањето на убавите простори во Скопје, тоа можело да се случи. Имаме директна равенка што ќе ни посочи дека ова е од човечки фактор и дека некому ваква фактичка состојба му одговара. Тоа значи дека на сите што претходно владееле им одело ова во прилог, биле во спрега со урбаната мафија и го дозволиле сето ова. Сега ние имаме град што го сакаме, но кој сме принудени да го гледаме како е бетонизиран и со уништен лик. Сметам дека кога ќе го земеме сево ова предвид, ќе ни стане јасно што значи тоа од мојата програма.
А инвеститорите велат сѐ додека има купувачи, ќе има и станови што се продаваат по високи цени, па дури и по 3.000 евра за квадрат.
– Како пратеник ќе кажам дека во Собранието сме зборувале на овие теми. Во Република Македонија има еден феномен на шпекулација со становите. Тоа значи дека огромен број станови се држат вештачки надвор од пазарот, со што се намалува и понудата, а цената на квадратот останува иста. Продадени се, ама на едни исти сопственици. За мојата генерација најфрустрирачката работа што ја доживуваме е тоа што не можеме да си го решиме станбеното прашање. За нас ова е едно од најгорливите прашања и затоа треба да се донесе ГУП (Генерален урбанистички план) по мерка на стручната фела.
Член сте на советот на Град Скопје во време кога на раководната функција е Данела Арсовска. Што се случуваше таму кога стануваше збор за набавка на новите автобуси, дали навистина имаше опструкции или нешто друго беше во прашање, и зошто Скопје остана без нови автобуси?
– Вредно е да се напомене дека за време на мојот 3-годишен мандат, пред да станам пратеник, бев советник што најмногу зборуваше на таа тема за набавка на нови автобуси. Преку 20 пати или 30 пати се расправав со советниците на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на нови автобуси.

А градоначалничката Арсовска?
– Кога требаше да се набават нови автобуси, дебатата на ВМРО-ДПМНЕ, но и на СДСМ, беше дека нема да се знаат условите под кои ќе се земе кредитот за задолжување за набавка на автобусите. Сугерираа потенцијални коруптивни влијанија и сето тоа. Таа точка еволуираше така што почна да се бара координација од целиот совет. Градските власти беа волни за координација за тоа како ќе се направи таа набавка, но и за тоа немаше волја. Сето ова се случуваше во период од 7 месеци и никому не му беше јавно во која насока се движиме. Очигледно се движевме кон социјална катастрофа и тоа и се случи. Година-две потоа добивме автобуси што се качуваа по жардиниери, кои се запалуваа на улиците… Буквално станавме држава во која никој никаде не е безбеден.
Значи, ако не била опструирана, ќе имавме функционален превоз?
– Да. Во кој било момент, ако советниците на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ кренеа рака на 48-те седници, ние ќе имавме нови автобуси. Левица сакаше да гласа, Зелен хуман град исто, двете албански партии исто, само овие две партии не.
Значи, согласни сме дека немаме функционален јавен превоз.
– Да, се разбира.
Можете да ги убедите граѓаните, ако станете Вие градоначалник на Скопје, да ги остават автомобилите и да се потпрат на ефикасен сигурен, точен и безбеден јавен превоз и за колку време?

– Ако сега се обидеме да ги убедиме скопјани да ги остават своите автомобили и да влезат во автобуси, мислам дека ќе нѐ сметаат за луди. Скопјани сега немаат алтернатива за јавниот превоз. Градските власти треба да се обидат да им обезбедат превоз што ќе функционира и ќе ги натера да ги сменат своите навики. За нас јавниот превоз е број 1 приоритет и сите сили што ги имаме како градска власт, би ги впрегнале во спроведување на тоа да имаме функционален јавен превоз. Граѓаните доцнат на работа, на прегледи, децата на училиште…, а тоа им се наметнуваат дури и ментални потешкотии поради нервозата што ја трпат. Со еколошки јавен превоз ќе се намали и аерозагадувањето и нашиот концепт е да се направи јавен превоз во кој автобусите ќе се заменат со електрични автобуси, а треба и целосно обновување на моделот по кој се движат. Сега имаме неефикасни и долги линии, кои се правени во едно минато време кога во Скопје животот не бил таков како сега. Сметаме дека треба да имаме циркуларни линии и тие треба да хранат еден железнички превоз, кој го споменувам од 2023 година.
За набавка на екоавтобусите очекувате поддршка?
– Очекувам поддршка. Не може да се обесхрабриме и не може да се опструира нешто што им е потребно на сите скопјани. Цела кампања пробувам да се ставам настрана од тие политики на блокади и зборувам дека треба да соработувам со сите во советот на Град Скопје. Можеме да најдеме прашања по кои можеме да се синхронизираме. Треба да заврши времето на суети и политички препукувања на поединци, бидејќи ова веќе не е истата политичка реалност што ја имавме пред 4 години, сега цели избори зборуваме за советот, така што оној што ќе го блокира Град Скопје ќе има и политички трошок. А скопјани имаат избор помеѓу политички владин кандидат, кој вели ако не нѐ изберете нас, повторно ќе живеете во мизерија и ќе бидете казнети, и нашата опција, која вели дека ќе соработуваме по секоја цена за доброто на скопјани.
Политичко сценарио или реален проблем меѓу претпријатијата е состојбата со ѓубрето и стаорците во главниот град, според Вас?
– Не е политичко, туку мафијашко сценарио е. Четири години ВМРО-ДПМНЕ ја има власта во скопските општини. Во општината Бутел имаат направено една нелегална дива депонија со општински камиони, во општината Гази Баба има направено дива депонија кај мостот на Вардар на релација Јурумлери-Долно Лисиче, ВМРО-ДПМНЕ ја блокира работата на Комунална хигиена и јас бев сведок дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаа програмите за работа на претпријатието. По 9 месеци ги оставаа без програми за работа, без сезонски вработувања, а го блокираа и Управниот одбор. Тука има огромна вина во Данела Арсовска, јас навистина не знам што е до крај ситуацијата, но имаме дополнителен поттик дека тоа треба да се среди. Целта е граѓаните да добијат впечаток дека состојбата е алармантна и тоа е така, дека комуналните претпријатија не функционираат. А причините се потоа да дојде ВМРО-ДПМНЕ да каже дека приватизираат и дека конечно ќе функционираат. И комуналните претпријатија ќе бидат приватни, ќе функционираат, а граѓаните ќе добиваат повисоки сметки. Ние ќе бидеме политички уценувани и наместо да ја исполнуваме волјата на граѓаните, ќе треба да правиме компромиси со мафијашки структури.
А чие сценарио се мерните станици за воздухот, кои сега ги има само за да ги контролираат домаќинствата, а не и индустриските капацитети? Ќе ги наполниме ли некогаш нашите бели дробови со чист воздух и ќе го добиеме ли елементарното право да дишеме чист воздух, или само ќе живуркаме?
– Со години скопјани гледаат дека Град Скопје не прави ништо за да се смени состојбата со воздухот, но мора конечно нешто да се преземе со аерозагадувањето. Министерството за животна средина е тоа што ги има најсилните ингеренции за нешто суштински да се направи на оваа тема, бидејќи Град Скопје нема лиценци за инспекциски надзор и правење инспекции на индустриските загадувачи на воздухот. Тие лиценци ги има само погореспоменатото министерство. Но тоа не значи дека Град Скопје не може да направи некои работи. Прво треба да престане да ги третира симптомите и да почне да ги третира изворите.
Тоа значи дека треба да се престане да се вперува прстот кон домаќинствата и сиромашните загадувачи бидејќи науката вели поинаку. Точно е дека мерните станици се поставени само кај домаќинствата. Многупати сме побарале да се постави мерна станица кај Усје, но тој предлог советниците на ВМРО-ДПМНЕ секогаш го блокираа. Потоа изгласавме вонреден инспекциски надзор на Усје, но од Град Скопје ни вратија дека немаат лиценци за да го направат тој надзор. Да, треба да се стават веднаш мерни станици кај индустриските загадувачи. Но треба да се преземат и други нешта, на пример да се чистат улиците.
Мислите улиците и да се измиваат, бидејќи тоа со години не се прави и одамна не сме виделе да се мие улица во Скопје?
– Да, бидејќи ПМ-честичките од прашината се главните предизвикувачи на белодробни заболувања кај адолесцентите и децата. Треба да има и систем за автоматско измивање на улиците, требаат комунални инспектори во Град Скопје бидејќи нема доволно и немаат добри услови за работа, ни требаат дронови и, крајно, во соработка со МЗСПП да се постапи во контрола на индустриските загадувачи.

Советот на Град Скопје во 2022 година изгласа одлука за реализација на Луна парк, но тоа не се случи. Во Вашата програма, меѓу другото стои и изградба на ваков проект, реконструкција на Калето, на СРЦ Кале, пливачки центар со аквариум, кружни текови… Ќе има ли буџет, поддршка и време за сето ова ако победите во вториот круг?
– Нашата програма е визија за тоа како треба да изгледа Скопје. Град Скопје не може ништо суштинско без централната власт и не се натпреваруваме за претседатели, туку за градоначалници. Мора да се нагласи дека треба да има политичка волја за овие решенија. Во Град Скопје има пари, но многу се краде и тоа особено во оној простор каде што и ние може да забележиме.
Кој ги краде парите?
– Ги крадат корозивни договори од претпријатијата, ги крадат фирми со раководство на претпријатијата за услуги што може да ги прави и Град Скопје. Цело време се излеваат пари и еве на пример ЈСП не стопанисува со просторот за рекламирање, тоа го прават маркетинг-агенции.
Мислите на оние огромни реклами излепени на автобусите што возат низ Скопје, кои се лепат и на прозорците, па граѓаните остануваат слепи и не гледаат на која автобуска постројка се?
– Да, токму на тие реклами. ЈСП има можност да биде маркетинг-агенција и да најде простор за реклама, ама добива едно големо ништо, бидејќи тоа го прават приватни маркетинг-агенции и парите одат кај нив.
Чија беше идејата токму Вие да сте кандидат за градоначалник на Скопје од Левица, Ваша или…?
– Не, воопшто не беше моја, туку на Димитар Апасиев. Јас се колебав. За разлика од мојот противкандидат, кој смета дека е најпаметниот и најдобриот скопјанец, јас сметам дека има многу подобри и попаметни скопјани на кои треба да им се дозволи да работат. Прво се двоумев заради моите години, од друга страна ова е и интензивен процес на кампања, одговорна работа е, но сметам дека бидејќи присуствував и гледав што се случува во Град Скопје и како еден по еден се исклучуваа осигурувачите, сега сметам дека ја имам најдобрата идеја за тоа како треба да ни изгледа градот.
На чии гласачи се надевате во вториот круг, на СДСМ, на албанските, на оние што не гласаа?
– Кога го прашаа Орце на првата прес-конференција по завршувањето на првиот круг, тој рече повикувам на поддршка од гласачите на сите противкандидати што не влегле во вториот круг. Јас гласови за вториот круг ќе побарам еве од Орце и од неговите гласачи за да биде подеднакво. Ќе побарам поддршка од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ што се уценети и заплашени и се ставени во неизвесност и кои се држат на краток синџир со договори на определено време. Ги повикувам сите нив да го дадат својот глас за платформата што го застапува јавниот интерес бидејќи и на нив им е преку глава од бизнис-шемите на ВМРО-ДПМНЕ. Мирисаат, смрдат на бизнис од 10 километри. Јасно е што ќе се случи со Град Скопје ако повторно дојдат на власт. Ќе процветаат нивните бизниси, а нашите животи ќе венеат. Повикувам на поддршка од независните листи, на поддршка од сите здраворазумни скопјани што се колебаа, што не гласаа или што го поништија своето ливче. Пукнатините на политичкото живеење се гледаат и може нешто ново да го изгради Скопје и ги повикувам и оние што го дадоа гласот за Каја Шукова, сега да го дадат својот глас за мене.
Зошто скопјани треба во вториот круг да го дадат својот глас за Вас?
– Бидејќи можеме да му го вратиме животот на нашиот град и бидејќи го сакаме Скопје. Очигледно оние што сега владеат со него не го сакаат градот, бидејќи не ги боли кога ги гледаат улиците вакви, не ги боли кога тој е во ваква состојба. Така што тие го мразат, а ние го сакаме, и нека победи љубовта.
Катерина Додевска
Фото: Роберт Атанасовски
The post Мециновиќ: Град Скопје има пари, ама многу се краде, а ѓубрето во Скопје е мафијашко сценарио на ВМРО-ДПМНЕ appeared first on МКД.МК.

