ШК Алкалоид извојува нова победа на Европскиот клупски куп што се игра во Родос, Грција, по која со максимални шест бода се наоѓа меѓу водечките девет екипи на врвот на табелата, кои во натамошното разигрување, преку меѓусебни дуели, ќе го одлучат новиот екипен шампион на Стариот континент.Овојпат во дуелот од третото коло беше совладан германскиот претставник Шахфројнде Берлин, клуб што според просечниот рејтинг од 2.426 поени е една класа над вчерашниот противник од Грција, а е рангиран како 12. носител на турнирот.
– Противничката екипа беше со слична конструкција како претходната со која игравме: пет млади, но силни шахисти кои се етаблираат во европскиот крем, плус тренерот на шестата табла, но, сепак, на многу повисоко ниво. Типично за модерниот шах, овој интернационален состав на играчи од Германија, Австрија и од Полска не сака да чека да се развива борбата, туку со специјално подготвени варијанти се обиде да направи изненадување. Неспорно, тоа му донесе почетна иницијатива – открива ВМ Влатко Богдановски, капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
Со исклучок на првата табла каде што Еригаиси имаше ново перфектно издание со многу подобро отворање со белите фигури, кое натаму го претвори во иницијатива, создавање предност и во реализација, на другите плочи драмата беше присутна.