Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) го осуди насилството во општеството, особено семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и ширењето омраза на социјалните мрежи.
На редовната седница на Светиот архијерејски синод, одржана денеска Црквата порача дека сите облици на насилство се неприфатливи и спротивни на христијанските вредности.
„Секој вид насилство, вербално и физичко, особено семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и насилството во дигиталниот простор, вклучително и на социјалните мрежи, е апсолутно неприфатливо и неспојливо со основните христијански и евангелски вредности“, се наведува во соопштението.
МПЦ-ОА посебно го осуди фемицидот, односно убиствата на жени, оценувајќи го како најсуров облик на насилство врз жените.
„МПЦ – ОА најостро го осудува гревот на убиството, фемицидот, како најсуров облик на насилство врз жените и како недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот. Како значаен општествен чинител, МПЦ – ОА ја афирмира и активно придонесува кон негувањето на културата на соживот, почитувањето на човековото достоинство, солидарноста и грижата за секој човек, без оглед на неговите политички, идеолошки и лични убедувања, социјалниот статус или верската или религиозна припадност, доследно почитувајќи го начелото за еднакво достоинство на секој човек“, стои во соопштението.
Во соопштението се посочува и потребата од дополнителна едукација на свештенството за препознавање и соодветно постапување во случаи на насилство.
„Притоа, МПЦ – ОА истакнува дека свештенството и досега совесно и одговорно ја извршува својата пастирска служба, вклучително и во однос на предизвиците поврзани со различните облици на насилство. Истовремено, ја препознава потребата од континуирана едукација и соодветна обука на свештенството, со цел унапредување на неговите знаења и способности за навремено воочување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно и насилство врз жените“, наведува МПЦ-ОА.

