Националниот парк Шар Планина ќе се пошумува со 30.000 млади садници на две локации. Како што соопштуваат од управата на паркот за пошумувањето се предвидени автохтони видови дрвја, меѓу кои ела, смрча, бел бор, бука и јавор, со избор и распоредување според природните услови на теренот на две локации, Ѓермо и Сетоле. Предвидено е пошумување на вкупно 12 хектари
„Со нашите партнери од Холандија заеднички ги посетивме површините на кои во моментов се одвиваат активностите за пошумување, како и дел од локациите пошумени минатата година, за да ја проследиме состојбата и развојот на младите насади. Оваа есен продолжуваме со обновување на шумите на Шар Планина, преку соработка со Пјур промис, со која е обезбедена донација за подигнување и одгледување на насадот во период од три години“, велат од Шар Планина.
Од Националниот парк посочуваат дека во наредните две години е предвидена редовна нега, следење на здравствената состојба на садниците и дополнување каде што ќе биде потребно.
„Посетата беше можност и за заеднички увид во резултатите од минатогодишното пошумување, размена на искуства и разговор за понатамошните активности за обновување на шумските екосистеми. За нас, пошумувањето не значи само засадување нови дрвја. Тоа е долгорочен процес на обновување на оштетените шумски површини, враќање на природната вегетација и создавање услови за развој на здрави и отпорни шуми“, посочуваат од Националниот парк.

