Унапредувањето на политичката и економската соработка меѓу Македонија и Швајцарија, со посебен акцент на трговијата, инвестициите и поврзувањето на деловните заедници беше во фокусот на разговорите на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Швајцарската Конфедерација, Ињацио Касис.
На денешната средба посебно внимание беше посветено на развојната соработка, која претставува значаен сегмент од билатералното партнерство, а министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на земјата од 1992 година, како и за придонесот на швајцарските програми кон јакнењето на институциите.
„Целта е економската соработка да стане уште посилен столб на односите и да создава конкретни можности за компаниите и граѓаните“, истакна министерот Муцунски.
Во разговорите беше опфатено и актуелното швајцарско претседавање со ОБСЕ, како и безбедносните состојби во Европа. Министерот Муцунски го поздрави ангажманот на Швајцарија во услови на сложен безбедносен контекст и ја потврди поддршката за нејзините напори во рамките на Организацијата.
„Уверен сум дека, под швајцарското претседавање, ОБСЕ ќе продолжи да има важна улога во градењето доверба, дијалогот и безбедноста. Во овие напори, Швајцарија ја има цврстата поддршка од наша страна“, нагласи Муцунски.
Соговорниците се осврнаа и на европската интеграција и реформските процеси, при што министерот Муцунски ја потврди стратешката определба за полноправно членство во Европската Унија и продолжување на реформите и приближувањето кон европските стандарди.
Касис истакна дека Швајцарија има одлични билатерални односи со Македонија и издвои три аспекти на односите и соработката хуманата димензија и разновидноста, економската соработка, како и стабилноста и европската интеграција. Тој посочи дека треба да се развиваат економските односи бидејќи онаму каде што поминува стока, не поминува оружје.
„Целта е преку програмата за развојна соработка за периодот 2025 – 2028 година поддршката до 2028 година постепено да се насочи кон поконкретна помош за економијата, отворањето работни места и создавањето можности за инвестиции за да се зајакнат економските капацитети на земјата и да се придонесе за стабилноста на Западен Балкан“, рече Касис.
Тој ја поддржа европската перспектива на земјата и посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните геополитички состојби, при што беше нагласена важноста на лидерството, солидарноста, единството и силните партнерства во зачувувањето на мирот и просперитетот на европскиот континент.

